јануари 24, 2015

Јаким Каневче е повозрасен охриѓанец кој секогаш е расположен да раскажува за Охрид и да ни го долови минатото на градот.

Празнувањето на Водици во комунизмот, вели тој беше тајно, исто како што и јас бев тајно крстен двапати, од страна на двете мои баби. Каневче во интервју за Супер радио и OhridPress доловува и дел од амбиентот на Охрид во неговото време, а не’ насмеа и со анегдотите поврзани со него и неговиот двојник со кого имаат исто име и презиме, но и мајките им се викале исто, а и двете биле од Ресен.

Супер радио: Фрлањето на Чесниот крст во водите на Охридското Езеро е многу долга традиција. Вие сте еден од повозрасните стари охриѓани, па верувам се сеќавате како се правеше тоа многу порано?

Каневче: Јас како што памтам кога бев мало дете, крстот во езеро се фрлаше до ослободувањето. Потоа во комунизмот се забрани, но и тогаш се фрлаше по црквите, во казани. Од тоа време бугарско, од тогаш памтам имаше чун кој се правеше како тераса со штици и се украсуваше со зеленило. Во тој чун беше попот, владиката, градоначалникот и некој од војската. Крстот се фрлаше на пристаниште.

Во тоа време сите си имаа бавчи, јаболки, црешни,… и се земаше по еден сноп ’ржаница, се ставаше во езерото да се пее и потоа се земаше снопот и се носеше по нивите се врзуваше на дрвјата за да имаат род.

Кај што е сега хотелот „Александрија“, таму беше старата општина. Тука имаше тераса. На неа војници и еден човек со гулаби, па кога ќе се речеше „Во Јордание и голубиње“, се пуштаа гулабите. Кога ќе се фрлеше крстот, тогаш овие пукаа во воздух.

Супер радио: Денес, по фрлањето на крстот народот прославува во кафеаните.Како варошани и месокастрани во минатото го одбележуваа празникот Водици?

Каневче: Ние од Варош и од Месокастро го одбележувавме така што по домовите се правеше пача, питулици, чорба и слично. Луѓето од другите места одеа по пријатели, што се вели по куќи. Немаше славење по кафеани тогаш, туку се одеше по куќите и таму се честеа топли ракии, пача, питулици…

Супер радио: Значи Водици отсекогаш бил празник на градот?

Каневче: Иако сега масовно се одбележува Водици, и во тоа минато време имаше народ на овој ден. Охрид беше мал, но имаше, тоа беше  празник на градот и така си остана до денеска. Традицијата денеска уште повеќе се почитува и Водици се празнува со денови. Од вчера, 16-ти јануари ќе празнуваме се’ до вторник кога ќе се одбележи Денот на рибарите со фрлањето на бурињата со вино во езерото.

Супер радио: Како вие лично го доживувавте овој празник, дали сте скокале за да го фатите Чесниот крст на Водици?

Каневче: Не сум се капел, сум бил мал. Јас сум роден 1939 година, сум бил 5-6 години до ослободувањето, но секој на тој ден се капеше, затоа што водата тогаш е крстена, осветена.

Педесетите, не знам точно која година беше, ние тука од црквата Геракомија, кришум го фрлавме крстот. Татковците од Славе Бучко и од Љупчо Бубачот, го зедоа крстот од попот и отидоа на Сараиште. Ќе одевме и ние децата, ќе испеевме „Во Јордание“. Од тогаш се фрла крстот, само без поп. Ако одеше попот, ќе викнеа полиција, ќе предизвикаше внимание, и затоа поп не одеше за да го фрла крстот во езеро.

За време на комунизмот и во црквите крстот се фрлаше многу рано. Луѓето беа на работа, не смееја да отсуствуваат и да одат во црква  зашто ќе беа казнети. И полиција се вртеше околу црквите, гледаа кој каде се движи, ама такво беше времето, не е за лутење.

Но сепак, најважно е што традицијата не е прекината. Откако Македонија е независна држава, крстот фрла на пристаништето во Охрид.

Супер радио: Свештените лица во тоа време кога црковните обреди биле строго забранети, нормално, се плашеле да го фрлаат крстот. Но дали не стравуваа Бучков и Арнаудов? Не се плашеа ли тие?

Каневче: Реков, крстот првин се фрлаше на Сараиште без поп. Ако се забележеше поп, тој ќе одговараше. Но вака, со овие двајца наши охриѓани, се случуваше и да ги викнат на разговор, ама ќе ги пуштеа. Тоа остана така до осамостојувањето на Македонија.

Супер радио: Се сеќавате на некоја анегдота од тоа време поврзана со празникот Водици и чинот на фрлањето на крстот во осветените води? Отсекогаш ли варошани се најуспешни во фаќањето на крстот?

Каневче: Крстот нели се фрла и пропаѓа долу, па капачите, не можеа да го најдат се’ додека рибарите со мрежите и влакојте не го фрлеја 2-3 пати и не го извадеа. И владиката наш Тимотеј кога ќе го фрли не може да процени каде ќе падне крстот. Немам ништо против, ама ќе го фати некој од Варош. Тоа не е наместено. Како може да се намести? Тука се над 30-40 дечиња од Варош и како може да им го фрли ним, кога крстот пропаѓа. Поентата е во тоа што овие деца знаат да далдисуваат бидејќи се родени и живеат на вода, а другите не се толку многу по далдисувањето. Ете затоа е тоа така.

Сега се пријавуваат капачи и од други градови, доаѓаат од Битола, Скопје, и кој ќе има к’смет, ќе го фати крстот.

jakimkanevce

Супер радио: Што им даваа порано на фаќачите на крстот како подарок?

Каневче: Порано владиката ќе им дадеше крстови, тоа паметам. Сега има побогати подароци.  И друго што паметам, крстот се фрлаше рано наутро, а не како сега.

Супер радио: А жените, дали и тие порано се капеле во тазе осветените води за Богојавление – Водици?

Каневче: Жените не се фрлаа по крстот, но се капеа. Секој се капеше за здравје. Никој кој се искапил во езерото на овој ден, не се разболел, барем јас досега не сум слушнал такво нешто.

Супер радио: Освен на фаќањето на крстот од страна на варошани, во последните неколку години се реагира и на кумовите за празникот Водици. Некои велат дека имаме луѓе во Охрид за да бидат кумови и оти не требале луѓе од други градови. Најново, се плетат чаршиски муабети од типот-зошто српскиот пејач Јоксимовиќ да биде кум кога СПЦ не ја признава нашата Црква. Како Вие гледате на ова?

Каневче: Кога се направи здружението „Богојавление“, секоја година се избира кум и тој колку може донира за прославата на празникот Водици. Треба од година на година се’ поголема промоција на овој голем верски настан.  Ванчо Чифлиганец беше надвор од градот и од срце прифати, а беше и еден од најдобрите кумови кој и ден денеска доаѓа за Водици во Охрид и си го слави денот.

Да, годинава пак има реакции од некои луѓе за Жељко Јоксимовиќ бидејќи тој е Србин, а Српската православна црква не ја признава нашата, но тоа си е празник, не може никој да ни го забрани.

Здружението, во кое и јас сум член сметаме дека е добро и луѓе од други градови да привлечеме како гости. Со тоа добива и градот.

Поентата на Здружението „Богојавление“ е овој празник што е можно подостојно да го одбележи и да привлече повеќе луѓе. Тука се приклучи и општината, сопствениците на хотелите кои даваат попусти за тие празнични денови.

Супер радио: Следниот ден по Водици, на празникот Свети Јован се прославува Денот на рибарите. Зошто го викаат денот на рибарите, кога знаеме дека тие го празнуваат како нивни ден празникот „Свети апостол Павле“?

Каневче: Ден на рибарите се вика бидејќи од 20-ти декември до 20-ти јануари беше забраната за лов на пастрмката, такавиканиот „татиљ“. На 20-ти јануари повторно се пушташе ловот  на пастрмката. Инаку, во право сте, рибарите го празнуваат Павловден, но и 20-ти јануари зашто како што кажав, тогаш се пушташе риболовот на пастрмка. И овој ден се слави одамна. Тогаш немаше како сега крадење, туку се почитуваше забраната, не одеа ни рибари ни никој друг  во криволов.

Супер радио: Како се славеше тогаш Денот на рибарите?

Каневче: Не како сега, тогаш се капеа тогаш рибарите два дена, на Водици и на Свети Јован, а Денот на рибарите стана позначаен во комунизмот. Тогаш не можеа да се фрлаат за Водици на пристаниште, но ќе дојдеше еден-двајца од рибарите ќе се соблечеа со тие???? (кошули) долги, старски и младите што ќе го фатеа крстот по црквите скокаа демек ова е за празникот на рибарите. И тоа остана и до ден денеска. Сега донатори и спонзори даваат вино. Порано се фрлаше едно буре, а денес се фрлаат повеќе буриња со вино.

Супер радио: Ни ракажавте како во времето на комунистичкиот систем крстот тајно се фрлал во езерото и во црковните казани, што значи дека тогаш непоимливо било крштевањето. Затоа пак денеска богојавленските празнувања се збогатени и со масовно крштевање во осветените води на Охридското Езеро во месноста Сараиште?

Каневче: Тоа почна овие 2-3 години, порано немаше. Тогаш имаше некрстени од комунизмот, а имаше и такви кои по двапати беа крштевани, и од едната баба и од другата баба. Тоа беше тајно, ќе го викнеше едната баба попот и ќе го крстеше внучето, а после истото ќе го направеше и другата баба. И јас сум двапати крстен, еднаш во Ресен, бидејќи мајка ми е од таму и уште еднаш во Охрид.

Супер радио: Долги години работевте на терен како геометар, што значи дека бевте помеѓу луѓето кои имаат меѓусебни проблеми со земјиште, со меѓи. Како ви течеше работниот век и како сега ги минувате пензионерските денови?

Каневче: Таква ми беше работата како геометар, постојано на терен, но затоа сега живеам мирен и спокоен втор живот. Знаете, двајца се караат, јас мерам, еден не е во право. Тој што не е во право се кара, колне, дури и со најдобри другари сум се скарал. Велам земјава постои одамна, а ти како сакаш така јас ќе ти измерам. Но судијата вели мене ќе ме слушате како ќе речам така ќе измерите. Ама тој ќе рече сакам друг геометар, друг да измери. Јас можам да скријам 10-тина сантиметри колку што е дозволено  да згрешиш. Постојано јас не можев да влезам по продавници или да прошетам. Тогаш во 70-80-тите се градеа патишта, куќи, училишта, немаше ни една чиста локација, 10 квадрати од едната куќа, 15 од другиот сосед и после мене ми викаат – ти ни го зеде местото. Јас кога ќе дојдам да колчам, им велам, имам одобрение и локација, што сум ја виновен. „Туристичка“ кога се правеше, се уриваа куќи.

Во 1991 година дојде Закон – кој има 25 години стаж да оди во пензија, јас имав 29 ипол и се спасив. Неблагодарна работа е зашто се одземаше земја со една чаша ракија. Сега е друго, ќе ти земе, ама се плаќа, не е како тогаш кога го земаа земјиштето за беспари.

Супер радио: Охрид  денес е многу изграден. Според Вас, пренатрупан или….

Каневче: Татко ми кој почина во 1978 година да стане сега,  не може да го препознае Охрид, а не камоли дедо ми кој починал во 30-тите години на минатиот век. Како охриѓанец им се лутам на скопјани, Скопје не е Скопје, Скопје е цела Македонија, од сите села и градови. Јас во 50-тите учев техничко училиште таму и градот беше од Треска до Ѓорче Петров. Немаше куќи, ниви беа, а сега таму е цела Македонија.

Супер радио: И сосема на крај, би сакала на читателите на OhridPress и слушатели Супер радио да им раскажете некоја интересна анегдота околу Вашиот двојник, мојот почитуван колега, пензионираниот новинар на Македонското радио Јаким Каневче. На времето и тој ми раскажуваше како и двајцата сте предизвикувале забуна кај луѓето.

Каневче: Кога работев во судот, еден ден, тоа беше пред празникот Свети Никола, слегувам по скалите и една жена  вика по мене-Јаким, Јаким, кога да дојдам да ми дадеш 4 кила риби. Јас и велам, кога ќе најдеш 4 кила, две и за мене да земеш зашто Свети Никола и мене ми е семејна слава. А таа се налути, вели ти со мене мајтап си играш. Па, мајка ти ми рече дека имаш риба. Нели Нада ти е мајка, прашува таа. Да, велам Нада ми е мајка. Од Ресен – прашува таа. Да, и одговарам јас, од Ресен. Тогаш ми текна дека всушност, го бара новинарот Јаким Каневче, чија мајка исто така се викаше Нада и беше од Ресен, исто како мојата.

Еднаш пак, ми стигна покана да се јавам во полиција следниот ден во 10:00 часот. Цела ноќ се мислев, да сум рекол нешто против Тито или против државата, не сум рекол, да сум украл нешто-не сум направил такво нешто. Отидов и ми велат, малку ли ти беше Југославија, па си влегол во Албанија. А за волја на вистината, во тој период се правеше кампот во Радожда и јас мерев таму. Отидовме само до каменот да го видиме. Во полиција се правдам, не влегов во Албанија им велам. А не, вели одговорниот што ме прими, не зборувам за по копно, зборувам за низ вода. Е тогаш ми текна дека не ме бараат мене, туку новинарот-рибар Јаким.

Има многу интересни работи поврзани со нас двајцата. Ми се јавуваа од Радио Скопје, ми нарачуваа новинарски текстови, ми забележуваа за нешто што сум пишувал, ми бараа да резервирам толку и толку соби во хотелот „Палас“, а всушност на погрешна адреса го барале нивниот колега, новинарот Јаким Каневче.

Супер радио/А.Р.

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука