јануари 24, 2015

Климент Талев  припаѓа на втората генерација изработувачи на оригиналниот охридски бисер во фамилијата Талеви. Тајната формула за подготовка на емулзијата со која се премачкуваат бисерите, неговиот татко му ја пренесол една седмица пред да почине. „Синко, двапати во животот да ми дојдеше пијан дома, или некој да ме сретнеше во чаршијата и да ми речеше дека си му должел заради коцка, никогаш немаше да ти ја пренесам тајната, туку таа ќе заминеше со мене“, раскажува охриѓанецот Климент во интервјуто за  Супер радио и OhridPress.

Супер радио: Семејството Талеви е позната и стара охридска фамилија која со децении наназад го изработува традиционалниот охридски бисер. Колкава е точно традицијата на изработка на овој ваш бренд?

Талев: Изработката на охридскиот бисер кој е македонски бренд признат од страна на државата, во кругиот на мојата фамилија се работи од 1924 година. До денеска традиционално тој знает, таа изработка се пренесува од татко на син. Мојот покоен татко Ване беше прва генерација, јас сум втора, мојот син Ване ја претставува третата генерација, а неговите синови, моите внуци Александар, Михаил и Климент ќе бидат четврта генерација изработувачи на охридскиот бисер.

Супер радио: Како се пренесува тајната на изработката на бисерот? Дали само за да се продолжи традицијата на изработка по секоја цена или пред се’, од љубов кон овој занает?

Талев: Ова ваше прашање одамна очекував да го добијам, да ми биде поставено, за да одговорам една вистина која мора да се почитува во мојата фамилија. Токму кога треба да се пренесе занаетот. Мојот покоен татко точно една недела пред  да почине ми ја предаде тајната за подготовката на емулзијата. Фактички тајната на изработката на охридскиот бисер лежи само во подготовката на емулзијата, а начиниот на изработка, премачкување, нишење, не е тајна. Тајна е содржината во шишето, емулзијата со која се премачкуваат седефастите зрна. Мојата покојна мајка често му велеше на татко ми „Ване, не си добар со срцето, не кобам, ама пренеси му го занаетот на детево. А тој и’ одговараше дека има време. Јас често ги слушав како разговараат на таа тема. Татко ми и велеше дека треба време за да види каков човек сум израснал јас. Што значи тоа?

За да се добие формулата, онаа вистинската, од носителот на мајсторството на мојот покоен татко, треба да се исполнат неколку услови. Прво, детето да биде добро воспитано, а воспитувањето најмогу зависи од родителот, но и восприемањето на воспитувањето. Има деца кои ги учиш, но тие тргнале по лош пат и не можеш да ги вратиш. Значи, детето треба да биде воспитано, со домаќинско однесување, да не е кафеански човек, да не е од чашка, да не е коцкар. Кога ми ја пренесуваше тајната татко ми ми рече: „Синко, двапати во животот да ми дојдеше пијан дома, или некој да ме сретнеше во чаршијата и да ми речеше дека си му должел  за коцка, никогаш немаше да ти ја пренесам тајната, туку таа ќе заминеше со мене“.

Се сеќавам, беше недела, седум часот наутро. Седевме на маса, јас, мајка ми и татко ми и пиевме кафе. Тогаш татко ми ми кажа. Кога реков да зема лист и да ја запишам таа тајна за да не ја заборавам, тој ми рече дека не смеам да го правам тоа зашто тајната повеќе нема да биде тајна. Рече оти треба да ја запишам тајната, но во главата.

klimenttalev2

Супер радио: Кога вие му ја пренесовте тајната на Вашиот син Ване?

Талев: Пред да почине мојата мајка, во 1998 година, на 8. март, седевме со неа во дневната соба. Таа боледуваше од срцето и веројатно чувствуваше дека се ближи крајот, па ми рече дека сака да му ја пренесам тајната на Ване пред  таа да си замине. „Сепак, тој го носи името на дедо му, добро воспитано дете е, и јас немам никакви забелешки за него“ – ми рече таа. И јас го направив тоа.

Супер радио: Сега Ване е столб на фирмата нели?

Талев: Да, така е. Ване ја води фирмата, тој е менаџерот и  задолжениот  за производството. Тука работи и неговата сопруга, а имаме и уште една  вработена жена. Знаете, изработката на охридскиот бисер не е машинска работа, ќе ја пуштиш машината и ќе направиш милион огрлици. Секое зрнце набодено на чепкалка се премачкува 7-8 пати. Тоа бара време, макотрпна работа, но и голема љубов.

Супер радио: А Вашите внуци господине Талев? Дали и тие се често присутни во Вашиот семеен дуќан?

Талев: Посебен интерес покажува средниот внук Михаил. Неговите реакции во дуќанот ми причинуваат големо задоволство. И Климент кој е студент на Економскиот факултет во Скопје, се надевам дека кога ќе заврши ќе продолжи по стапките на прадедо му Ване и дедо му Климе.

klimenttalev4

Супер радио: Како и за колку пари е купена тајната формула за правење на емулзијата со која се премачкуваат бисерите?

Талев: Да не ме држите за збор, и Вие и слушателите на Вашето популарно радио, но мислам дека за 12 наполеони (златници) е земена оваа формула. Тоа се случило многу спонтано. Ние во охридската чаршија имавме дуќан за продажба на сатови, накит, златни дијадеми, приврзоци, наушници, а посебно бурми. Тајната е донесена од Бајкалското Езеро во Русија. Некој човек што ја знаел таа тајна влегол во дуќанот и видел сродност за таа работа. Им понудил на стрико ми татко ми и тие ја купиле и фала му на Бога што ја зеле. Зашто замислете, во тоа време, 1924 година кога владееше сиромаштија, да одвоиш не еден, не два, туку 12 златни наполеони, е голем ризик. И еден наполеон да одвоиш не е мала работа. Трговијата на браќата Михаил и Ване Талеви тогаш била во зародиш, но, веројатно така сакал Господ.

Супер радио: Кога бисерот што го изработувате започна да се нарекува охридски?

Талев: Многу убаво прашање. На почетокот,кога почна тоа срамежливо производство на седефастите зрна од страна на мојот татко , ги нарекувале само бисерчиња, или по охридски ѓерданчиња. По 30-тите години, по завршувањето на кризата од 1927 година имаше еден просперитетен период во тогашното стопанство. Значи имаше поголем страндард  се’ до 33-те години кога фати друга рецесија. Тогаш доаѓале трговци со пајтони од Битола, а посебно Евреи кои биле банкари. Купувале ѓердани во Охрид за нивните сопруги, вереници, ќерки, за свадби, строеви, за годишници. Кога ги прашувале откако ќе се врателе каде биле, тие велеле „по бисер во Охрид бевме“, „купувавме охридски бисери“, и така настанало тоа име. Ние не му го дадовме името охридски бисер,  туку самите купувачи, нашите клиенти кои пазарувале во нашиот дуќан го направија тоа спонтано.

klimenttalev3

Супер радио: Чии познати грла се украсени со бисери од семејството Талеви?

Талев: Ги има многу. Ќе ја споменам принцезата Дијана која доби охридски бисер како подарок од нашиот покоен претседател Киро Глигоров. Покојниот Борис Трајковски пак, го подари триредниот асиметричен бисер на кралицата Елизабета Втора. Колин Пауел, поранешниот државен секретар на САД, потоа принцезата од Кувајт, кралицата од Саудиска Арабија и други. Фактички сите оние познати лица кои доаѓале во Охрид како гости на нашата влада, на претседателот, ним протоколот им подаруваше охридски бисери.

Супер радио: И Колинда Грабар – Китаровиќ, новата претседателка на Република Хрватска има Ваши бисер…

Талев: Госпоѓата Колинда Грабар – Китаровиќ има, не еден туку три бисери од нашиот дуќан. Еден го доби како подарок, а двата други си ги купи. Еве ја и нејзината благодарница која стои во мојот дуќан. Таа жена зрачи со една неопишливо убава и голема харизма. Лично се знам со неа и сме добри пријатели. Чекам да се устоличи на претседателската фотелја и да и се јавам за да и ја честитам новата функција, а потоа и специјално ќе одам Загреб.

Супер радио: Благодарение на охридскиот бисер стекнавте многу пријатели низ светот, и тоа познати луѓе. Дали се’ уште одржувате контакти со нив?

Талев: Благодарение на бисерите стекнав огромен број пријатели, познати и признати луѓе од целиот свет.  Имам пријатели лордови од Лондон, градоначалници и други. Еве, овде на сликата над мене е градоначалникот на бугарската општина Кремиковци, Ивајло Панев. Вие не знаете колкаво пријателство се разви меѓу нас двајцата. Но јас му реков нему: „Ако сте националист и мене ме третирате како Б’лгарин, нашето пријателство завршува овде. Или ќе ме почитувате како Македонец, а јас Вас како Б’лгарин и пријателството ќе биде големо, или ништо од тоа“. И така остана.

Супер радио: Колку често сте присутни на саемските манифестации за да го промовирате традиционалниот бисер?

Талев: Порано многу повеќе ги посетував и учествував на саемите. И сега добивам покани за учество во Будва и каде уште не, но трошоците се многу поголеми, а бенефитот, прометот е речиси никаков. Ајде да го оставиме прометот. Не се случува ниту некоја фирма да дојде и да склучиме купопродажен договор. Порано не можев да постигнам. Кризата насекаде се чувствува. Го затворија Велесаемот во Загреб, а исто така и оној во Дубровник. За волја на вистината во Вировитица бев неколку пати. Ќерката беше на саемот во Скопје и продаде само еден пар обетки за 300 денари.

Сепак, има некаков бенефит од посетата на саемите. Ми се јавуваат луѓе што ме посетиле и бараат нарачки. Да ви кажам, убава работа е интернетот, веб страницата и мејлот. Мејлот ми е главен контакт со сите заинтересирани во светот. Еве, вчера испратив мало пакетче во Љубљана. Тоа се специјални плика обложени и заштитени одвнатре. Пополнувам соодветна царинска декларација и сето тоа патува без проблеми кај нарачателот зашто нема царина помеѓу поранешните ју-републики.

klimenttalev5

Супер радио: Во овој период кога речиси е празна охридската чаршија, претпоставувам ова е единствениот начин да се заработи и да се живее од семејниот бизнис. Колку охриѓани купуваат бисери?

Талев: Навистина многу ретко, но не ги критикувам зашто ја сфаќам немаштијата. Јас сум економист по професија и знам што значи криза. Еве вчера дојде еден клиент и купи бисер, но тоа е инцидентно. Од март натаму, со Господ напред,  мислам дека ќе биде подобро. Конкретно, прометот на охридскиот бисер кај мене зависи од посетата на други луѓе кои не се од Охрид. Луѓе кои доаѓаат на советувања, бизнисмени, туристи…

Супер радио: Имате книга на импресии во дуќанот?

Талев: Не, не сум ја направил.

Супер радио: А ги паметите сите нешта сврзани со дуќанот и клиентите што доаѓаале во него, меѓу кои и звучни светски имиња. Не сметате дека би било убаво тие да се преточат во вечност, да се стават на хартија, во книга, и да останат како сведоштво за идните генерации Талеви, за да знаат кој го посетил нивниот дуќан?

Талев: Ова е одлична идеја, која ми ја спомнале досега и други луѓе. И да знаете дека ќе го направам тоа. Сега сум пензионер и имам повеќе слободно време да се посветам и на тоа. Тоа е убава работа за генерациите што ќе останат по нас.

talevidukan2

Супер радио: Дел сте од Регионалната занаетчиска комора во Охрид. Состојбите во занаетчиството не се толку сјајни, а тоа го покажува и сликата на охридската чаршија. Ги нема старите занаетчиски дуќани, а наместо нив, денес ги има само бутиците со увезена гардероба. Изумира ли занаетчиството?

Талев: Претседателот на Занаетчиската комора Сашо Богоески, које многу вреден и амбициозно пристапува кон решавање на проблемите на занаетчиите, сака да ги форсира занаетите. Го прави тоа, но е осамен. Што значи тоа? Тоа значи дека власта, локалната самоуправа која треба со двете раце да го поддржи и помага занаетчиството, ајде нека не биде финансиски зашто и нашата општина е во финансиски катастрофална состојба, но барем некаков интерес да пројави, да не’ викне на еден разговор, на едно советување, да прашаат што проблеми имааме ние како знаетчии.

Во Охрид згаснуваат занаетите, а токму во овој град тоа не смее да се случи. Јас сум човек кој има седумдесет и кусур години. Ја паметам охридската чаршија со нејзините занаети. Можам точно да ви кажам, на кое место кој занаетчија работеше, ги паметам и имињата на тие стари занаетчии. Сега ги нема. А верувајте, за секој занает, без разлика на технолошкиот модернизам кој владее во моментов, има работа. Ниеден занает не оставил досега никого без леб. Повеќе не се слуша чеканот во чаршијата, никој не ги наследил. Ги нема самарџиите, старите шивачи на текстил… Ги нема жените кои изработуваа селски носии. Па ние сме број еден во светот по убавина на народните носии. Само Охрид колкаво богатство има. Пештани има една носија, Трпејца друга, Љубаништа трета, Велестово четврта, секое село има своја карактеристика. Каква вредна ризница имаме, а ние не ја поддржуваме.

Охрид како туристичка мека на Балканот и Европа, не смее да дозволи изумирање на занаетите кои се поврзани со туристите.

Супер радио/А.Р.

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука