април 12, 2017

Охрид, 12. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Граѓанската иницијатива Охрид SOS изготви извештај од над 100 страници, со точно наведени сите спорни инфраструктурни проекти во регионот на Охрид.

Точките се темелат препораката на 40. седница на УНЕСКО во Истанбул, каде беше изразена сериозна загриженост за иднината на регионот на Охрид поради бројните инфраструктурни проекти кои се планирани, а дел од нив веќе и во реализација.

– Ние сме строго против да се изгуби статусот на УНЕСКО во регионот и ќе направиме сé што е во наша можност тоа да не се случи. Здружението за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“ спроведе истражување, со анкетирање на граѓани. Исто така одржавме консултативни средби. Од средбите и анкетите утврдено е дека: 99 проценти од сите засегнати чинители не сакаат регионот да го изгуби статусот на заштита под УНЕСКО. Најголем процент од испитаниците, сметаат дека не смее да се запостави природата, за да се добие краткорочен профит, објаснува Драгана Велковска, претставник на Здружението „ЕДЕН“.

marinaohrid

Како што додава Велковска, претставниците од УНЕСКО состаноците ги одржуваат настрана од широката јавност, а денеска попладне тие ќе остварат средба со членови на Здружението „ЕДЕН“. Оттаму се надеваат на конструктивен состанок.

– Ќе бараме претставниците од УНЕСКО да ја искористат нивната посета да ги прекинат сите проекти кои се штетни за животната средина во регионот. Ние ги имаме наведено сите потенцијални загрозувачки точки, од елитниот хотел кај населбата Лагадин, патот на Галичица, до замислената реконструкција на кејот, со која всушност се планира да се навлезе со градба во самото езеро, дополнува Велковска.

Мониторинг посетата на експертите од УНЕСКО ќе трае до 14 април. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука