април 15, 2017

Охрид, 15. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – За себе вели дека е тврдоглава, многу упорна, храбра и решителна за прифаќање на животните предизвици. На талент шоуто Ohrid SUPERSTAR се пријави последниот ден, а за себе вели дека за неа музиката одамна е голем дел од животот. Победата на Ohrid SUPERSTAR за неа е само уште еден поттик во реализацијата на идните планови.

Неколку збора со победникот на првото издание на Талент шоуто Ohrid SUPERSTAR Ирма Гогова.

Супер радио: Само 17 години, а толку голем и неоспорен талент. Која е Ирма Гогова за сите кои не ја познаваат?

Ирма Гогова: Најдобро би било да ме запознаат 🙂 бидејќи во мене ќе најдат искрен и грижлив пријател, другар, кој во секое време е тука да помогне и да даде совет ако е тоа од мене побарано. Оние кои ме познаваат велат дека сум уметничка душа, бидејќи покрај пеењето имам талент за цртање, вајање и правење разни мали уметнички дела, секако кога сум инспирирана. Понекогаш сум тврдоглава, многу упорна, храбра и решителна за прифаќање на животните предизвици.

ohridsuperstarpolufinale9Супер радио: Во Гимназијата „Св. Климент Охридски“ во Охрид учиш во трета година на јазично-уметничкиот смер. Дали овој смер ти помогна да го развиеш чувството за уметност во секој поглед? Што точно се учи на овој смер?

Ирма Гогова: Многу ми мило што мојата Гимназија ми понуди можност да ги развивам своите капацитети во насока на идното образование. Тоа во голема мера се одразува на мојата желба и мотивација за учење бидејќи на овој смер се застапени предметите музичка и ликовна уметност.

irma1Супер радио: Каде се` имаш настапувано пред Ohrid SUPERSTAR?

Ирма Гогова: Првиот настап пред публика  се случи на приредбата по повод патронатот на Основното училиште „Григор Прличев“ каде што пеев со хорот и имав соло изведба од која пријатно беа изненадени дури и моите родители. Во прва година се пријавив во Гимназискиот хор под водство на професор Александар Димоски со кој настапуваме на државни и меѓународни натпревари како во Нови Сад, Дубровник, Белгија… Секоја година настапувам на Предновогодишниот концерт, на многу хуманитарни концерти и секаде каде што ќе ме поканат.  Во 2013 година во кафе барот „Shilla“ кој ги промовира и поддржува младите охридски таленти со мојот другар Марко Михајлов на гитара имавме unplugged опуштена свирка која одлично помина. Во 2014 победив на шоуто „Твоето лице ми звучи непознато“ со  песната „Love me again“ од John Newman. Инаку, целиот настан кој всушност беше една своевидна пародија, беше дел од донаторската акција за опремување на музичкиот кабинет на ОСУ„Св. Климент Охридски“. Во 2015 година на конкурсот од Гимназијата за најдобра авторска песна, во конкуренција од десетина други, првата награда ја доби брат ми Марио, за музика и текст на англиски јазик. Песната „Clara“ ја испеав јас, а Марио ме пратеше на гитара, а Димитри Атанасов на клавир. Се надевам дека наскоро Марио ќе го направи и аранжманот па ќе можеме да ја снимиме и во видео издание. Верувам дека ќе ви се допадне 🙂

irma2Супер радио: Кои се музичките идоли на Ирма. Со чија музика заспива навечер и каде се` слушаш музика?

Ирма Гогова: Немам идоли. Слушам различни жанрови музика, најмногу рок, но не ги сакам турбофолкот и трансот. Омилени артисти и бендови во моментов ми се Alex Vargas, Bring me the horizon, Arctic monkeys, LP…

Супер радио: Талент шоуто Ohrid SUPERSTAR беше замислено да биде одскочна даска за младите од Охрид и Струга и нивна можност да биде виден нивниот талент. Дали долго размислуваше дали да се пријавиш и што беше пресудно за да го направиш истото – наградите или?

Ирма Гогова: Мојот близок школски другар Филип Симоновски кој е исклучително талентиран и има уникатен радиофоничен глас, ме поттикна да се пријавам на Ohrid SUPERSTAR бидејќи се двоумев и тоа го сторив последниот ден од дадениот рок. Секако дека наградата беше примамлива, но пресудна беше желбата за пеење, дружба и забава.

irma3Супер радио: Имавме 2,5 месеци дружба со останатите кандидати, организаторите, но и жири комисијата. Што ти остави најголем впечаток од целото шоу? Имаш ли забелешки на истото од било која форма?

Ирма Гогова: Најголем впечаток ми остави меѓусебната поддршка меѓу кандидатите, дружењето со талентираните деца и менторите кои несебично се вложија во проектот и од кои многу научивме. Во оваа прилика сакам уште еднаш на сите учесници да им се заблагодарам на поддршката и да им посакам успех во иднина на секое поле. Особено сум благодарна на членовите на жирито Даниел Јовески, Димче Китрозоски, Јовица Каралиески и Дамјан Пејчиноски, кои со нивните коментари ми помогнаа да дадам се` од себе за да го достигнам критериумот и да се покажам во најдобро издание. Сметам дека Ohrid SUPERSTAR беше убава прилика да се откријат многуте таленти во нашиот регион. Ова е навистина голем проект со кој носителот и организатор, Супер радио одлично се справи, од идеја до реализација и искрено се надевам дека на радост на сите млади таленти ќе стане традиција во регионот. Благодарност и честитки и за „Тамаро“ кои уште еднаш докажаа дека се најдобри во поттикнувањето и поддршката на сите големи проекти, многу значајни за Охрид и охриѓани. Благодарност и до компаниите и медиумите кои не поддржаа, особено на О2 телвизија кои магијата ја пренесоа во етерот. Ohrid SUPERSTAR не ќе беше комплетен без водителите Александра и Даниел, кои не само што не бодреа туку и се грижеа за сите учесници подеднакво и направија да се чувствуваме како едно големо семејство.

Супер радио: Доби вредни награди, но и можност за настап на други фестивали. Медиумската експонираност сега ќе биде далеку поголема. Дали си подготвена за она што претстои. Дали, покрај образованието, музиката останува голем дел од животот на Ирма?

Ирма Гогова: Секако дека сум подготвена. Музиката одамна е голем дел од мојот живот. Победата на Ohrid SUPERSTAR е само уште еден поттик во реализацијата на идните планови.

superstarfinale6Супер радио: За крај, каде се гледа Ирма после 5 години?

Ирма Гогова: Хм… имам уште една година од средното образование, па да се решам на кој факултет ќе се запишам 🙂 Сепак, во меѓувреме би сакала да ја усовршам техниката на мојот вокал, да снимам авторски песни и да одржам концерт. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука