април 18, 2017

Охрид, 18. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Ученичка е во ОУ „Григор Прличев“. Има само 14 години, а за себе вели дека е голем другар и дека максимално ќе ја искористи шансата што и` ја даде Талент шоуто Ohrid SUPERSTAR. Додава дека ќе работи на својот талент и дека ќе стане познато име на македонската музичка сцена, ако не и пошироко. Неколку збора со Ивана Коскоска, учесник на Талент шото Ohrid SUPERSTAR.

Супер радио: Од самиот почеток важеше за еден од фаворитите. Некако со неверица луѓето прашуваа како е возможно со само 14 години некој толку добро да пее. За оние кои не ја знаат, која е Ивана Коскоска?

Ивана Коскоска: Јас сум голем другар, барем така ми велат сите што ме познаваат. Помалку повлечена во себе, некои мислат дека се правам важна, но не е така. Посветена сум на училиштето, а слободното време не ретко го користам така што одам на базен бидејќи сакам да пливам. Исто така најпријатно се чувствувам кога во неделите посетувам некои од Божите храмови во нашата земја. Тоа сум јас – природна, спонтана, а пред се` многу искрена кон себе и кон другите.

Супер радио: Талентот е неоспорен и секако треба да се развива. Ти си ученичка во ОУ „Григор Прличев“ во Охрид. Се имаш ли претставувано на јавни настапи пред Ohrid SUPERSTAR?

Ивана Коскоска: Моето искуство во пеењето започна кога за прв пат јавно настапив на патронатот на моето училиште. За мене тоа беше голем предизвик. Тогаш знаев дека мојот талент не треба да го оставам на случајот и дека мкора нешто да преземам во врска со него.

ivanakoskoska4

од настапот на училишниот патронат

Супер радио: Каква музика слушаш дома? Со кои музички имиња се поистоветуваш и чиј пат сакаш да го следиш?

Ивана Коскоска: Најмногу преферирам поп музика и таа музика ме исполнува. Мајка ми кога прв пат ја слушна Dua Lipa ми рече ти си ова, за да после тоа да го потврди и Даниел Јовески, човекот кој ме убеди дека музиката ми лежи и дека ми треба сериозна работа, долг и трнлив пат кон успехот. Интересни ми беа почетоците на Анита Мицова некако слично како мене и таа сама успеала да се пробива низ музичките води. Но сепак она сто претходно сум имала можност да го следам по медиумите е најчесто Beyonce, само никогаш не слушам турбо фолк музика и никогасх не би сакала да пеам таков тип музика.

Супер радио: На Ohrid SUPERSTAR се пријавуваат пејачи, но и танчери и стен ап комичари. Има ли Ивана некоја друга скриена љубов, кон некој друг вид уметност, освен пеењето?

Ивана Коскоска: Моја скриена пасија се модерниот танц, Хип Хоп музиката и манекенството, а во последно време мислите ми ги окупира и историјата на уметноста.

ivanakoskoska2Супер радио: Талент шоуто Ohrid SUPERSTAR беше замислено да биде одскочна даска за младите од Охрид и Струга и нивна можност да биде виден нивниот талент. Дали долго размислуваше дали да се пријавиш и што беше пресудно за да го направиш истото – наградите или?

Ивана Коскоска: Кога ја видов објавата за Ohrid SUPERSTAR прочитав дека само се бараат таленти за пеење, танц, стенд ап комичари и друго. Дури и не забележав дека има некаква награда. Желбата да пеам и тоа да го покажам беше поголема од се`. Тоа ме натера да се пријавам. Парите се трошат, но постојат некои вредности кои со пари не се купуваат.

Супер радио: Имавме 2,5 месеци дружба со останатите кандидати, организаторите, но и жири комисијата. Што ти остави најголем впечаток од целото шоу? Имаш ли забелешки на истото од било која форма?

Ивана Коскоска: Во тие 2.5 месеци јас некако како да созреав. Запознав многу нови другари и другарки и во овај момент сакам јавно да им се заблагодарам на сите што ме поддржаа и сакам еден ден сите да успееме. Даниел Јовески, Димче Китрозоски, Јовица Каралиевски и Дамјан Пејчиноски се луѓето кои навистина одбираа зборови за коментар за да не навредат некого, но точно и прецизно укажуваа на квалитетот или квантитетот и во тоа успеаја и морам во оваа прилика да им се заблагодарам што до крај доследно си ја одработија својата обврска. Што се однесува пак до Ohrid SUPERSTAR, мислам дека е проект кој одамна требаше да го има во нашиот град, а организаторот на истиот заслужува секакви пофалби, бидејќи направи да се чувствуваме привилегирани и славни и да уживаме во секој момент од настанот. Тука беа и Александра и Даниел, неуморните водители, кои беа другари во вистинска смисла на зборот и многу ми помогнаа да ја заборавам тремата.

ivanakoskoska3Супер радио: Гледачите го видоа она што беше на сцената, но сигурно далеку поинтересно беше зад сцената. Имаше ли солзи, смеа, дружење… Ќе ни пренесеш ли некоја интересна случка од Backstage-от?

Ивана Коскоска: Имаше многу интересни случки, но до солзи се смеевме кога ни беше дадена задача да ги имитираме членовите на жирито. Јас бев во улога на Димче Китрозоски и мислам дека некои од неговите зборови кои ги употребуваше за време на шоуто оргинално ги пренесов.

Супер радио: Жирито донесе одлука, базирана на твојот неоспорен талент да ти подари авторска песна, а тука е и настапот на фестивалот „Езерски бисери“, како отскочна даска до „Славјански базар“. Дали си подготвена за предизвиците кои се пред тебе?

Ивана Коскоска: Наградите навистина ми значат. Сега кога сум сигурна дека мојот талент го препознаа и стручните лица, секако дека сум подготвена. Шансата што ми ја даде Ohrid SUPERSTAR ќе ја искористам бидејќи сметам дека музиката е она што навистина ми треба за да продолжам понатаму.

Супер радио: Во текот на 2,5 месеци колку што вкупно траеше Ohrid SUPERSTAR имаше многу дружење, но и многу активности, кои од продукциски аспект, за шоуто да изгледа како што изгледаше, мораше да се направат. Беше ли тешко и дали се стекна со нови пријатели?

superstarfinale6Ивана Коскоска: Во секој случај не беше лесно бидејќи во тој период мене ми се поклопија неколку работи. Тестови, испрашувања, екскурзија и страв дека нема да успеам се` да постигнам, но не залудно рекле „ако се сака, се` се може“. А за новите пријателства, секогаш се добредојдени.

Супер радио: За крај, каде се гледа Ивана после 5 години?

Ивана Коскоска: Пред се` тоа е период кога треба да донесам сериозни одлуки околу моето понатамошно образование. Мислам дека ќе бидам дел од посериозни проекти на полето на музиката. Ќе работам на мојот талент и мислам дека ќе станам познато име на македонската музичка сцена, ако не и пошироко. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука