мај 2, 2017

Струга/Охрид, 2. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со низа активности, по четврти пат ќе се одбележи Денот на реката Дрим, 5 мај.

Организаторите, Еколошко друштво “Грашница”, информираат дека случувањата по повод овој ден ќе се реализираат во сабота, 6 мај.

Програмата ќе започне во 9.30 часот на Градското пристаниште, со еко-караван со теренски возила кој ќе се упати кон селото Косел. Предвидени се јавни средби со жители од селата Косел, Вапила, Горно и Долно Лакочереј и дискусија на тема: Добри земјоделски практики за зачувување на сливот на реката Дрим во добра еколошка состојба, едукативна училишна посета со 20 ученици од Струга на станица за пречистување комунални отпадни води, с. Ложани, општина Струга, како и јавна дискусија: Добри земјоделски практики за зачувување на сливот на реката Дрим во добра еколошка состојба, с. Орман.

Поздравни говори ќе одржат заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски и  Дејан Пановски, национален координатор на ГЕФ проектот: “Овозможување прекугранична соработка и интегрирано управување со водните ресурси во поширокиот слив од реката Дрим”.

Прогласувањето на Ден на реката Дрим е идеја и одлука на Дрим Кор групата која како симболика ги има петте земји кои го делат Дримскиот басен и суб-басените Преспа, Охрид и Скадар.

Овогодинешното одбележување ќе се одржи во сите држави во ист ден како порака за цврста решеност за обезбедување на заштита на водените ресурси и квалитетно управување со целокупниот слив. Сливот на реката Дрим е еден од најкомплексните организми и неговото заедничко управување е еден од најголемите предизвици.

Со цел да се создадат механизми и атмосфера за заедничко управување, Глобалниот Еколошки Фонд поддржа заеднички Дримски проект кој преку реализација на компонентите треба да ги постави основите на управувањето.

Инаку, Денот на реката Дрим за првпат се одбележа на 5 мај 2014 година. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука