мај 6, 2017

Охрид/Струга, 6. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Најголемите предизвици со Дримскиот басен се поврзани со прекумерното загадување на водите, цврстиот отпад, големиот број на непрочистени води кои се влеваат во Охридското Езеро и во реката Дрим, смета Ѓоко Зороски од Еколошкото друштво „Грашница“.

– Сеуште не е решен проблемот со пречистување на водите од селските населби. Што се однесува до цврстиот отпат, тој не е присутен само во руралните средини, туку, за жал, е присутен и на подрачјето на самите градски средини во Охрид и Струга. Во Струга е многу акутен проблемот со комуналната депонија, која се наоѓа на сред Струшко поле и ги загадува подземните води, а во Охридскиот регион опасност претставуваат големите количини на отпад, кои се депонираат и во Националниот парк „Галичица“. Има голем број на непрочистени води, кои се влеваат во Охридското Езеро, додава Зороски.

grasnicazadrim2

Тој објаснува дека нема решение за притисокот од прекумерна урбанизација на крајбрежниот појас. Подземните води не се доволно истражени, ниту искористени, ниту, пак постои детална мапа, која би ги предочила главните моменти за зачувување на ова наше големо богатство, потенцираат од „Грашница“, кои ги организираат активностите по повод одбележувањето на Денот на реката Дрим.

Црниот Дрим како сливно подрачје во Македонија е најбогато со вода, иако е релативно мало по површина. Дрим тече во должина од 45 километри, но неговото значење е на ниво како Дримски басен, кој ги опфаќа и Охридското и Преспанското Езеро и извориштето кое се наоѓа во Македонија. Среќа е што извориштето е во Македонија и на тоа може да се влијае, апелира Зороски. Според Европската повелба за водите, една река се штити на ниво на слив, а не во политички граници. Затоа Денот на Дрим се одбележува во пет земји, од 5 до 7 мај, и е еден вид поттик до локалното население да се зајакне свеста за неговото значење.

KONICA MINOLTA DIGITAL CAMERA

KONICA MINOLTA DIGITAL CAMERA

Од Еколошко друштво „Грашница” дополнуваат дека годинава ги прошириле активностите за одбележувањето на овој ден, а акцентот е ставен на запознавањето на најмладите со прочистителната станица во Ложани.

– Нашата активност годинава е насочена и кон станицата за пречистување на комунални и отпадни води во селото Ложани. Има едукативна посета на деца од основното училиште „Браќа Миладиновци“ од Струга. Децата имаат можност да видат што значи загадена вода и колку е потребен третман за таа да е пречистена, колку е тоа скапо, колку време треба. На тој начин сметаме дека ќе ја подигнеме јавната свест на младите, да видат што значи загадување на реките и тие понатаму да влијаат на нивните врсници, но и родители, за да не ги загадуваме водите, препорачува Зороски.

Денес од Градското пристаниште во Охрид, со еко-караван со теренски возила еколозите се упатија кон селото Косел. Се одржаа јавни средби со жители од селата Косел, Вапила, Горно и Долно Лакочереј и дискусија на тема: Добри земјоделски практики за зачувување на сливот на реката Дрим во добра еколошка состојба. Се одржа едукативна училишна посета со 20 ученици од Струга на станица за пречистување комунални отпадни води, село Ложани, општина Струга, како и јавна дискусија: Добри земјоделски практики за зачувување на сливот на реката Дрим во добра еколошка состојба во село Орман.

grasnicazadrim3

Обраќање имаа заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски и Дејан Пановски, национален координатор на ГЕФ проектот, кој говореше на тема: „Овозможување прекугранична соработка и интегрирано управување со водните ресурси во поширокиот слив од реката Дрим”. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука