мај 20, 2017

Охрид, 20. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – За себе вели дека е вљубеник во техниката, компјутерите и новата технологија. Ужива во изработката на промотивните шпици и рекламите, каде сметадека најмногу може да ја покажем мојата креативност. Тој е Борче Димоски – снимател и главен монтажер на талент шоуто OhridSUPERSTAR.

Супер радио: Тивко младо момче, навидум срамежливо и ненаметливо. Тоа е така се` додека не застане зад камерата или зад монтажната единица. Борче Димоски е веќе познато име за сите кои се дел од медиумскиот бизнис во Охрид, но и многу пошироко. Сепак, за оние кои не го познаваат, кој е Борче Димоски?

Борче Димоски: Е па вака, кога веќе треба да раскажувам за себе, би рекол дека јас сум вљубеник во техниката, компјутерите, новата технологија… Ме интересира се` што е ново, сакам да истражувам, сакам да експериментирам, сакам да откривам, сакам да творам. Посебно е задоволство кога ќе се создаде тим кој некогаш и не треба да разговара меѓу себе, секој си ја знае својата работа, по што успехот е неизбежен. Мислам дека во Охрид има многу креативни луѓе, или пак јас имам среќа да сум со нив. Едноставно станав дел од големи проекти кои на некој начин ми станаа отскочна даска, ми помогнаа да ја покажам мојата креативност, а преку нив јас да се промовирам.

Супер радио: Скоро 3 месеци беше дел од екипата која храбро застана зад проектот наречен Ohrid SUPERSTAR? Имаш ли претходно искуство со вака голем проект и како според тебе помина истиот?

Борче Димоски: Па, проект од овој тип не, ова е мое прво вакво искуство. Но, проекти на кои работам има секојдневно, поради мојата работа во ТВ О2, но сепак тое се проекти или емисии кои ги монтирам од помал обем. Ohrid SUPERSTAR беше едно убаво и огромно искуство, не само за мене, туку мислам и за целиот тим кој го работеше ова шоу. Ќе ме прашате зошто? Тоа е затоа што прв пат во Охрид се направи ваков проект, првата емисија имаше одредени технички проблеми, но не дозволивме публиката да го почуствува тоа. Имаше непредвидени ситуации, тоа е разбирливо и очекувано со вака голема организација, колку и да ги планираш нештата. Но, веќе втората, третата емисија се` си дојде на свое место. Посебно радува фактот што ова шоу беше многу гледано, нема кој не слушна за овој проект, а всушност тоа беше и нашата цел. Сега веќе без дилема доколку се прави ново шоу, а веќе организаторот почна гласно да размислува за тоа, секако дека ќе бидам дел од тоа, затоа што и јас веќе размислувам за новини кои би ги внесол од мој аспект во тоа шоу. Едноставно одиме напред.

montazasuperstar2на монтажа на OhridSUPERSTAR

Супер радио: Дали беше предизвик од технички аспект да се реализира едно вакво шоу, кое очигледно бара огромна екипа. Таа мора да е фантастично координирана за сето тоа да функционира и да изгледа на крајот на екраните така како што изгледаше. Кои се главните виновници за ова шоу?

Борче Димоски: Мислите „виновници“ така… Прво идејата мора да се пофали, а тоа е Сашо Митан – Супер радио, Тамаро маркетите, и сите спонзори кои финасиски го подржаа ова шоу и медиумската подршка која ја даде Регионалната ТВ О2, порталите… Но, кога зборувам за „виновници“, посебен драж на сето тоа му дадоа уникатната жири комисија, неповторливата водителска двојка и секако најзначајните – оние кои остануваат како први учесници на ова шоу, а тоа се сите пријавени таленти со кои Охрид може да се гордее. Сите оние кои ја препознаа нашата намера по најавата и веднаш посакаа да се дел од ова шоу. Како што кажав за координацијата нема зборови, тоа ќе го поврзам со тимот за кој зборував на почетокот од ова интервју. Едноставно секој си ја знаеше работата, затоа се помина како што помина. Најдобро, со највисок рејтинг, шоу за кое уште долго ќе се зборува.

Супер радио: Имавме повеќе од 2,5 месеци дружба со останатите кандидати, организаторите, но и жири комисијата. Што ти остави најголем впечаток од целото шоу? Имаш ли забелешки на истото од било која форма?

Борче Димоски: Многу ми е жал што буквалното целото шоу не одеше во етер, едноставно мораше да се извадат некои делови во монтажа, поради должината. Инаку имаше толку комични елементи од аспект како се забавуваа сите учесници. Значи добро е што не беше доживеано како натпреварување, туку како забава. Многу пријателства, многу  шеги, фотографии, дружби, тоа е тоа што остана. Забелешки немам, затоа што се што ќе засметаше веднаш се решаваше. Но, затоа имам многу идеи за втората сезона.

borcedimoski3Супер радио: Ти си дел и од регионалната О2 Телевизија, во моментов најгледаниот Тв медиум во регионот. Што се` работи Борче во О2 Телевизија?

Борче Димоски: Ова е мое омилено прашање. Да, чест ми е што сум дел од најгледаниот регионален медиум на ниво на Република Македонија и што сум дел од најупорниот, најдружељубивиот тим. Искрено да не беше О2 и раководниот тим кои ги препознаа моите квалитети, јас немаше да бидам ни дел од ова шоу. Затоа искрено им благодарам за подршката. Инаку јас во О2, работам видео монтажа. Или сум во директна „војна“ хаха со новинарите. Ефектот од она што го работиме сите можат да го видат спакувано како дневник, како емисија или реклами. Посебно сакам кога на мене ќе остават да дадам идеја и да изработам промотивни шпици или реклами. Тука сметам дека најмногу можам да ја покажам мојата креативност.

montazasuperstar1Супер радио: Покрај работата во телевизијата, твоето име се` повеќе се појавува и зад многу други проекти? На кои се` проекти имаш работено и го имаш ставено својот потпис?

Борче Димоски: Токму поради ова ја искажав мојата благодарност кон раководниот тим на О2. Да, сум работел и работам на повеќе проекти во моментов. Посебно сакам да го истакнам проектот „Охрид од понапред до денес“, во продукција на Мегастар продукција и порталот Охрид 1, кој е авторско дело на д-р Никола Митровиќ Бабе, а јас само ја реализирам неговата идеја. Покрај овој проект, посебно сум горд на рекламните спотови кои ги изработив благодарение на Љупчо Танески, сопственикот на порталот Охрид 1. Станува збор за рекламни спотови за Охрид, кои во моментов се емитуваат на руски медиуми, но и на скоро сите саемски претставувања на Охрид. Огромна благодарност и до менаџерскиот тим на „Тамаро“ кои воведоа многу маркетиншки новини во Охрид, кои мене ми ја дадоа довербата сето тоа да го „спакувам“ т.е. измонтирам. Морам да ги издвојам „Сладок Декември“, „Бадниковата вечер“, „Грандисима мортадела“, „Совршен ден – денот на вљубените“, „8-ми март – доделување цвеќе за секоја жена“, „Ги плаќаме вашите сметки“ и многу други.

borcedimoski1Супер радио: Она што сигурно започна како хоби, сега е нешто со што го исполнуваш слободното време. Сепак снимањето и монтажата се релативно „скап спорт“. Дали опремата прави едно видео да биде добро, дали е тоа окото на снимателот, или комбинација од двете?

Борче Димоски: Значи, можеш да бидеш креативен колку сакаш, без опрема ништо. Ова е скапа професија, во која мора многу да се вложи. Кај нас за среќа сите новитети од техника ги има, а сите ние кои се занимаваме со ова професија секако предизвик ни се новитетите од техниката. Се обидуваме да сме во постојан чекор со технологијата, а тоа е видливо во она што го работиме. Но, колку и да се трудиш веќе следниот ден има нешто ново од технологијата. Токму поради тоа и комбинираме техника, креативност, но тоа се наши тајни, кои секако мора да го задржат вниманието на гледачот, затоа што тоа е наша професија.

Супер радио: Она што мора да се праша секој снимател – Nikon или Canon? Кој дел од опремата, според тебе е must have и без него не се може?

Борче Димоски: Јас лично сум работел и со Nikon и со Canon, се` си има своја убавина, но да бидам искрен кога станува збор за видео продукција, сепак мислам дека Sony е тоа што е добро да го имаш. За тоа што значи Sony од техниката увидов затоа што целата опрема во О2 е токму од овој бренд. Токму поради тоа можам да ја забележам разликата т.е придобивките да се работи со ваква опрема.

Супер радио: Правиш и одлични фотографии. Дали убавините на Охрид се најчесто на мета на твојот објектив, дали се тоа пријателите, девојките, или едноставно се` што е убаво?

Борче Димоски: Јас сликам се` уште ќе ми фати око. Буквално се`. Колегите знаат да ми речат – дај аман пекини, хаха, ама многу почесто знаат и да се наместат пред објектив. Знаат да ми порачаат профилни слики, но и јас понекогаш сакам да испробам новини во фотографирањето на мои блиски и драги луѓе. Да признаам ме привлекуваат ситници кои да бидам малку нескромен знам да ги истакнам.

borcedimoski2Супер радио: Гледачите во салата и оние зад малите екрани видоа само мал дел од Ohrid SUPERSTAR. Сигурно беше многу интересно и зад сцената. Има ли нешто што ти остави силен впечаток, можеби некој настан, анегдота?

Борче Димоски: Па не анегдота нема, но кога сме кај силен впечаток признавам дека возбудата беше многу голема кога почнавме, но најголема на финалето. Финалето беше некои посебно чувство кое само може да се доживаа, а не и прераскаже. Јас само би им посакал на сите ова чувство да го почуствуваат во оваа професија која ја сакаат. Нема ништо поубаво од тоа.

superstarfinale6Супер радио: Покрај камерата, голема љубов ти е и спортот, посебно боди билдингот. Дали вежбаш рекреативно или имаш и тука некои поголеми планови?

Борче Димоски: Да спортот е дел од мојот живот – мој начин  на живот. Добро сте разбрале и тврдам дека со добра организација на денот, за се` има време. Со боди билдингот се занимавам од 2009 година. Вежбам редовно и тврдам дека тоа ми дава дополнителна сила и енергија да ги истраам сите дневни обврски. Би им препорачал на сите поготово помладите, не мора боди билдинг, но спорт и тоа како мора. Да се внимава што се јаде, и обавезно да се спортува. И секако секој да го следи својот сон, и да го работи тоа што сака. Само така успехот е неизбежен. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука