мај 30, 2017

Белград, 30. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во српското законодавство од 1-ви јуни се воведуваат нови кривични дела за полово вознемирување.

Веќе од четврток, за кривично дело ќе се смета кога на жена ќе ѝ се упати комплимент против нејзината волја или тоа се прави нападно. Како полово вознемирување се подразбира испраќање пораки, често повикување на телефон, следење или пречекување пред домот на жената и за тоа е предвидена казна од три години затвор.

Според експертите, овие кривични дела се воведуваат заради заштита на жените, но тие оставаат простор за злоупотреби и манипулации.

– Ако некое лице се движи по улица и некој му дофрла, или некој кој поминува со возило употребува сирена, тогаш тоа лице, во најчест случај жена, е изложено на кривично дело полово вознемирување – вели Ненад Стефановиќ од Здружението на тужители.

Правниците велат дека ова не се прави со намера да се санкционираат комплиментите. Доколку на едната страна во таа општествена интеракција не ѝ се допаѓа и тоа јасно го искажува дека не посакува таква комуникација, тогаш можеме да говориме дека се поминати границите и има основа за постоење на евентуално кривично дело. (Крај)

извор: Нова Македонија   фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука