мај 31, 2017

Охрид, 31. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во Клубот на новинари во Скопје, минатата сабота, се прикажа монодрамата „Јас сум Григор Прличе“, напишана од охриѓанецот Агрон Биба.

Авторот Биба инспирацијата за ова дело ја наоѓа во животот на неговиот сограѓанин Прличев, потенцирајќи дека додека живеел во Скопје се чувствувал како Григор Прличев во Атина.

Тоа беше повод за разговорот во интервју за Супер радио и OhridPress, како и најавата дека во скоро време претставата ќе можат да ја погледнат и граѓаните на Охрид.

Супер радио: Вашата монодрама „Јас сум Григор Прличе“ беше изведена неодамна во Скопје. Како сте задоволни од неодамнешното поставување на сцената?

Биба: Во саботата навечер во Клубот на новинари во Скопје по втор пат беше прикажана претставата. Овој пат имав голема помош од мојот син и така помина убаво. Имавме добра публика. Претставата си го положи тестот кај публиката и ќе ја повториме. Планот е да се дава секоја сабота во Клубот на новинари.

Супер радио: Неминовно е да Ве навратиме наназад и да откриете нешто за Вашиот порив да направите една таква претстава, со токму таков наслов. Што е она што беше пресудно да се одлучите да режирате и изведете една ваква монодрама, уметничко дело, да поставите на театарската сцена кај нас?

Биба: Јас како охриѓанец, не ги кријам годините, веќе 47 години имам, долго време сум надвор од Охрид, можеби вкупно доаѓа околу 23 или 24 години, а кога тука ќе ги вклучам и детските години, кога сме оделе надвор со нашите родители, испаѓа како да сум повеќе надвор од Охрид. А делово „Јас сум Григор Прличе“ е родено во еден период кога јас и сопругата заедно бевме невработени. Не беше лесно време, ние живеевме девет години во Лондон, се вративме во 2008 година. Мене ме фати и некоја паника, мислев дека и гробот ќе ми остане во Лондон, не знам што е лошо во тоа, но мене така лошо ми звучеше во тоа време. Така одлучивме да се вратиме од Лондон, бевме две години во Скопје, почнав да работам во Алсат Телевизија. Имав емисии во телевизијата, каде имав можност да работам со Бујар Муча – сценограф. Потоа се случи јас да останам без работа, истото се случи и со сопругата. Потоа се одлучивме да заминеме во друг гравен град, во Тирана, каде јас имав завршено факултет. И таму останавме две години, и тоа ни беше едно цело патешествие.

jassumgrigor

Супер радио: Со ова како да правите паралела и со животот на Григор Прличев, кој исто така го напуштил родниот Охрид.

Биба: Така. Јас со животот и делото на Григор Прличев сум се сретнал многу рано и на повеќе начини. Живеам на улицата „Партизанска“, домот ми е до Центарот за култура „Григор Прличев“. Како дете бев кога се градеше, тогаш – Домот на културата, сега е Центар за култура, тука беше кино бавчата, од која сега не е останато ништо. Така, сега и библиотеката со истото име ни е тука близу, Спомен куќата на Прличев се изгради тука близу. Почнав некако инстинктивно да се споредувам. Читајќи ја неговата „Автобиографија“, тоа е книгата која ја добив како подарок за одличен успех во учебната 1984/85 година, кога учев прва година во ЕМУЦ. Често се навраќам на книгата, ја читам одвреме – навреме и почнав да се поистоветувам со Прличев. Тоа што го имав да го понудам на културен план, се чувствував како „охридска торта – непробана“, „баклава, која никој не ја ни гледа“, „риба, која никој не сака да ја јаде“, или „залез на сонце, кое никој не сака да го гледа“. Јас, како и сите охриѓани, неизмерно го сакам Охрид, и многу е тешко да си надвор од Охрид. Ми фалеше Охрид многу кога бев во Лондон, ние инстинктивно бараме вода. И во Малме кога бев, за мене беше југ, таму каде што беше водата и нормално е, сите да си го сакаме родниот крај. Да се навратам за Григор Прличев, ми дојде некако да пишувам за него. Ликот ми се појавуваше, како тој да беше јас, а јас да бев тој, само бевме 150 години разлика.

Супер радио: Според Вашето излагање, на пишувањето на монодрамата, како да му предходел долг период на прибирање искуства. Како изгледаше оној момент кога буквално почнавте со пишувањето на претставата?

Биба: Точно претставата почнав да ја пишувам, кога се враќав од Скопје кон Охрид со автобус. Мислев на тоа. Кога стигнавме на Стража, јас зедов една картонска кутија, не можев веќе да издржам, кутијата беше добра за да се пишува на неа, затоа што автобусот полека се движеше. Немаме воз до Охрид, а возот би бил идеален за да се чита или пишува. Така пишував во автобус, кога дојдов дома, ги замолив домашните да не ме деконцентрираат, додека ја имав идејата во глава, да ја префрлам на хартија. Така тоа си стоеше, си тлееше, се додека не исконтактирав со Граѓанската иницијатива Цивил, кои беа дојдени во Охрид. Тие беа таа институција, на кои им спомнав за она што го имав напишано. Тие ми ветија дека сакаат делото да го видат на сцена и го поставивме во ГЕМ, Менада во Старата Скопска чаршија. После една година пак ја поставивме на сцена, мене се повеќе и повеќе ми се допаѓа.

Супер радио: Тука само по себе се поставува прашањето дали претставата ќе се постави некогаш и во Вашиот роден град Охрид?

Биба: Многу би сакал да го доживеам тој момент, да кажам дека претставата ќе се прикажува во Охрид. Се надевам дека набрзо, тие кои слушнале за претставата, ќе ми речат да ја поставиме во сала на Центарот за култура, која го носи тоа име.

Супер радио: Какви коментари сте добиле досега за претставата, од оние кои ја погледнале?

Биба: Многу интересни коментари. Многу сум задоволен од реакциите, иако морам да признаам дека е „недоиспечена“ претставата сценски, од моја страна, бидејќи јас дел од текстот го читам. Професионално од себе не сум задоволен, можеби затоа и не сакав да се навраќам, сепак чувствувам дека мислата стигнува.

(Со цел доловување на еден од најомилените коментари за Биба, кој пристигнал од страна на некој кој ја погледнал претставата, Ви пренесуваме дел од цитат, кој го рецитира актерот и режисер. Станува збор за сцена, во која Григор Прличев разговара со неговиот дедо)

„Слушаш ли Мелетие, не сакаме грчки со сила, еј, разбираш ти?! Абе знам, јасно ми е. Ти имаш проблем со името, ист си како скопскиот атињанин Рангавис. Тебе ти треба друг Кузман, ти треба Свети Кузман и Дамјан. Аааааа, црквичето Свети Кузман и Дамјан. Само сто седумдесет и седум машки чекори од мојата родна куќа. Така велеше дедо ми. – Нипе, колку чекори изброја до црков’? – Денеска беа двесте педесет и три, дедо. Ееее, Нипе, тие се детски чекори, затоа се повеќе. Ќе си бројш се дур не избројш сто седумдесет и седум чекори, од куќи, до црков’. Тогаш ќе знајш дека си станал маж и ќе мораш да мислиш како маж, да зборуваш како маж и да се однесуваш како маж. И тогаш, храбро, м’шки, без страв, ќе се бориш против светот на лагата, насилството и неправдата, против мракот и неуката. Знајш ти, Нипе, дека во истава пресветла, во тоа мало црквиче била мајката на Скендербег, кога Ѓорги бил во пелени, и бил слабичок и многу болен. Е, токму тоа мало црквиче го излечи, Свети Кузман и Дамјан. Така да си знајш, нипе, да паметиш, и ти на твоето нипе, да му кажвиш утре – задутре, за да не се заборајт. Заш Охриѓани, ние сме непендек луѓе, тешко го отвораат срцето, но кога ќе го отворет, еееее, тогаш душа корнет за тој што го засаквет. Охриѓани го сакаа Скендербег, Господ е сведок. Детенцето Ѓорги влезе болен во ова црквиче, а излезе здрав и израсна во голем и силен албански маж. Така да си знајш, нипе, и да си памтиш, често така ми раскажуваше дедо, покажувајќи со прст кон црквичето од пенџера. – Паметам дедо, немам забораено ниту едно зборче, се паметам. И си ги изброив, сто седумдесет и седум машки чекори, од куќа до црков’ и станав м’ж. А кога станав м’ж, напишав за голем, најголем м’ж.“

Овој целосен цитат беше всушност коментар, кој го добив токму од еден посетител, до кого допрела претставата. Многу често се чувствував во Скопје, онака како што Прличев се чувствувал во Атина. Јас сум Албанец, охриѓанец Албанец, си го сакам многу јазикот, си ја сакам многу албанската култура, но тоа не ми забранува да ги симпатизирам, дури и да ги засакувам другите култури. Ние како да сме благословени во Охрид, да имаме туристи како домашни миленичиња. Се сеќавам кога сум бил мал и сум играл со луѓе кои ми рекле дека се од Северна Кореја и ми дале значка од нивната земја. Отидов дома да видам од каде се, отворив енциклопедија, дознав за Северна Кореја. Тоа е таа доблест која ја има Охрид. Кај сме ние, мене Тирана ми е поблиска до Охрид, отколку Скопје, таму кога врне, врне и овде, знам, шест години сум бил студент. Е, сега што е проблемот. Можеби, прво имаат проблем тие што се од Тирана со нас, ние од овде сме за нив Македонци. Овие проблеми постоеле, и ќе постојат, но треба да се што помали и без многу ќошиња. Ќе го завршам ова со зимскиот шпорет. Тие се измислени во Норвешка. Тој што го измислил овој шпорет, имал проблеми со видот, а и сопругата. А за да можат да избегнат можни повреди од таа печка, сите остри делови, ги заоблил. Јас знам многу такви ќошиња и за дел од нив зборувам во претставата.

biba-640x350

Супер радио: Кои се проектите на кои моментално работите?

Биба: Јас има, дипломирано за режија, но уште во средно училиште сум бил со глумата. Како аматер играв во три претстави, уште додека бев во средно училиште. Едното со другото не можам да го поделам. Имав еден професор, кој ми велеше: немој да излегуваш надвор на улица, ако немаш три проекти минимум во главата. Затоа што не знаеш кого ќе сретнеш. Ќе те застане некој и ќе ти рече, „јас ти нудам реализација, што проекти имаш“. Јас има стално проекти, подучен од тоа што рече професорот Скендер Тасари. Имам еден добар проект кој ми се врти стално во главата, можам накратко да најавам, се однесува на наш езерски сосед од Поградец, албански писател, кој напишал едно дело: „Голем е татнежот на гревот“. Зборува за православен албански поп, кој оди да учи копанисување и да се замонаши во Ерусалим. Таму сретнува една еврејка, Наоми, во која се вљубува, сакаат да се венчаат пред тој да се замонаши, се враќа назад, таа е болна, му умира на раце, тој е лут на Бога, што не смее да е како поп, и така е проколнат на бесмртност, лута, талка со години и завршува овде во една од пештерите кај Свети Заум. Потоа се среќава со владиката Свети Наум, додека да најде вечна мир. Тоа е накратко, јас ова дело го имам драматизирано и чекам да се најде некој доблесен и да рече, ајде да ја видиме оваа претстава на сцена.

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука