јануари 24, 2015

Струга, 24. јануари 2015 (ИНПРЕС) – На 24-ти и 25-ти јануари во хотел „Дрим“, Струга ќе се одржи првата Едуконференција за наставници и информатичари 2015, во организација на Здружението Пријатели на образованието.

Станува збор за прва конференција од ваков вид што се организира во Република Македонија, на која ќе се презенитраат примери од наставата кои се препознати како ефективни, корисни и интересни. Конференцијата е наменета на сите наставници и студенти – идни наставници, за да им помогне во развивањето и подобрувањето на организациските и комуникативните методско – дидактичките способности. Учесниците ќе имаат можност да ги слушнат предавањата на експертите од земјата и странство кои се истакнати и признати во педагошките и информатичките области.

На Едуконференцијата ќе се претстават со свои програми и активности повеќе владини и невладини организации и институции, како и странски и домашни компании, активни во информатичката област и во образованието. Покрај експерти од земјата, на Едуконференцијата ќе учествуваат гости и експерти од повеќе европски земји.

Здружението Пријатели на образованието е здружение на наставници, професори и ИКТ експерти чија основна цел е обезбедување на квалитетна и креативна наставна пракса. Здружението е отворено за соработка за сите поединци, просветно-образовни, научни и други организации со слични приоритетни дејности како и здруженија, фондации и организации кои активно работат на афирмација и подобрување на процесот на поучување и учење. Во фокусот е користењето на дигитални медиуми во секојдневната наставна пракса и дигитализација на културното наследство. Сепак експертизата на здружението како и опсегот на делување е многу поширок заради богатото искуство, различните профили и експертиза на неговите членови. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука