август 8, 2017

Струга, 8. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Жири-комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик, издадена помеѓу две изданија на Струшките вечери на поезијата, од пристигнатите 38 книги од 37 автори на конкурсот, направи избор од 10 книги, согласно Правилникот за наградата.

– Беа избрани следните книги (според абучен ред на презимето на авторот): Лидија Давидовска, Духовна архива,  Антолог, Јовица Ивановски, Со слободна рака, Табернакул, Зоран Јакимоски, Задачите се зададени, ПНВ Публикации, Јосип Коцев, Напишана тишина, Или-или, Владимир Мартиновски, Внатрешни планини, Кликер маркетинг, Трајан Петровски, Јас и Црна Арапина, Македонска реч, Михаил Ренџов, Јас. Елегии, Макавеј, Благој Самоников, Непроѕирна светлина, Центар за културна иницијатива – Штип, СУМ, Наташа Сарџоска, Жива вода, „Макавеј“,Стојан Тарапуза, Скаменет сон, Дијалог. Во потесен избор од пет книги жири–комисијата ги избра следните поетски остварувања (според азбучниот ред на презимињата на авторите): „Со слободна рака“ од Јовица Ивановски, „Напишана тишина“ од Јосип Коцев, „Внатрешни планини“ од Владимир Мартиновски, „Јас. Елегии“ од Михаил Ренџов и „Жива вода“ од Наташа Сарџоска, информираат од Струшките вечери на поезијата.

Составот на жири-комисијата, согласно Правилникот за работа, и понатаму останува таен до донесувањето на конечната одлука.

– Како и во изминатите неколку години во посебна програмска содржина на претстојниот фестивал ќе бидат претставени поетите чии книги се нашле во потесниот избор од пет книги, на ден пред официјалното соопштување на добитникот. Добитникот на најпрестижното годишно национално признание за поезија во Македонија, наградата „Браќа Миладиновци“ за 2017, ќе биде соопштен на официјална прес-конференција на жири комисијата која ќе се одржи за време на фестивалот на 25.08.2017година. Оваа година СВП за половина го зголеми фондот на најпрестижната книжевна награда за творештво на македонски јазик, а како дел од истата е и превод на книгата на добитникот на еден странски јазик, додаваат организаторите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука