август 19, 2017

Охрид, 19. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Полека, но сигурно  се комплетира  мозаикот на 24-то издание на интернационалниот музички фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури 2017“.

Песните за фолк и поп вечерта се снимаат во повеќе музички студија во земјава. На почеток на септември во Охрид ќе зборува музиката. За тоа до каде се подготовките за годинашното издание, за значењето на фестивалот, но и за тоа колку Охрид е расадник на млади музички таленти, поразговаравме со директорот на фестивалот, Григор Копров.

Супер радио: По 24-ти пат годинава ќе се одржи интернационалниот фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“. До каде се подготовките?

ohrid_fest_1_640x360Копров: Фестивалот годинава ќе се одржува на локацијата пред хотелот „Нова Ривиера“. Ќе трае три вечери. На 6-ти септември ќе се одржи фолк вечерта, на 7-ми е поп вечерта и на 8-ми септември е интернационалната вечер, на која ќе има интерпретатори од цел Балкан.

Супер радио: Значи повторно фестивалот се враќа во центарот на Охрид?

Копров: Да, фестивалот се сели од Долни Сарај во центарот на градот – фестивалската сцена ќе биде поставена на потегот  меѓу  хотелот „Нова Ривиера“ и брегот на Охридското Езеро. Тоа ќе овoзможи поголема комуникација меѓу организаторите, пејачите, техниката и новинарите и ќе ги намали нервозите околу секојдневните патувања од хотелите до фестивалската  сцена и назад. На терасата на хотелот ќе биде сместен и прес центарот на фестивалот.

ohridfestСупер радио: Покрај локацијата, годинава има измени и во терминот на одржување.

Копров:  Оваа година се одлучивме за овие датуми на одржување на фестивалот, се со цел да ја продолжиме туристичката сезона. Од крајот на август го префрливме на почетокот на септември. Мислам дека и тоа ќе биде традиционално.

Супер радио: Кога сме кај песните и изведувачите и овој пат најавувате добра забава и повеќе нови хит песни.

Копров: Секако, по тоа сме и препознатливи. Па, така на првата, фолк вечер ќе настапат Благица Павловска, Горан  Кукиќ, Петар Нечовски, Ленче Кукиќ, Милан Секуловски, групите, „Скопски боеми“, „Соната“ и многу други. Во рамките на оваа вечер своја шоу програма ќе имаат членовите на групата „Биоритам“. Во поп вечерта ќе имаме 20-на нови композиции, а на сцената ќе ги видиме: Ристо Самарџиев, Мики Јовановски – Џафер, Ѓоко Ѓорчев, Влатко Илиевски, Лена, Пепа, Моротов бенд, Денис Димовски и други.

Супер радио: Покрај ова, дополнителна атрактивност и уникатност на фестивалот му дава интернационалната вечер. Што да очекуваме годинава?

bonimКопров: Да, лани ги имавме исклучителните настапи на Хелена Благне, Срѓан Марјановиќ, Игор Цукров и ѕвездите на фестивалот, групата „Boney M“. И годинава списокот на пејачите од странство е многу атрактивен. Еден од пејачите кој  сигурно ќе го сврти вниманието на посетителите и тв гледачите, кој за првпат доаѓа на фестивалот е Кристијан Рахимовски-Кики, синот на познатиот Аки Рахимовски, водачот на „Парни валјак“. Потоа атрактивен ќе биде дуетот на Маја Оџаклиевска со познат руски изведувач, тука ќе бидат и словенечката претставничка на „Евровизија“, Нуша Деренда, потоа Валентино, Маја Николиќ, ќе има пејачи од Грција, Бугарија, Албанија, Пакистан.

Супер радио: По завршување на секоја фестивалска вечер, предвидени се и забави и дружење со изведувачите.

Копров: Така е. После секоја фестивалска вечер, во хотелот „Нова Ривиера“ ќе одржуваме фестивалски балови, на кои со претходна резервација ќе може да присуствуваат заинтересираните граѓани или туристи кои престојуваат во градот и со тоа едноставно на некој начин ќе ја продолжиме фестивалската програма. На 6-ти септември за забавата ќе се погрижи групата „Биоритам“, на 7-ми ќе биде нашиот охриѓанец Ѓоко Танески, а на 8-ми септември за забавата ќе бидат задолжени „Аренси бенд“.

Супер радио: „Охрид фест – Охридски трубадури“ освен во Македонија го следат и гледачи од надвор.

Копров: Точно така. Годинава над 12 телевизии ќе го преземаат 24-то издание на фестивалот. Најзначајно е тоа што фестивалот започнува со културно-туристичка репортажа со феноменално направен филм за Охрид, во кој се прикажани и доловени убавините и се она што претставува Охрид. Тоа ќе оди на сите телевизии што е една голема придобивка како за градот така и за Македонија.

Супер радио: Овој наш фестивалски бренд ги поддржува и промовира младите и талентирани момци и девојки. Во Охрид во првата половина од годинава се организира првото талент шоу OhridSUPERSTAR. Кое е вашето мислење околу реализацијата на вакви шоуа?

Копров: Кога ја слушнав идејата за организирање на вакво шоу, ја примив со воодушевување, затоа што јас како роден охриѓанец ми е многу значајно, мене лично, да имаме млади и талентирани луѓе да се појават, да имаме нови ѕвезди од Охрид. Досега се` се сведуваше на две – три имиња. Мене ми е многу драго. На организаторот, вашето и наше Супер радио му упатувам искрени честитки за реализацијата на талент шоуто OhridSUPERSTAR. Па, реков ќе биде многу добро да двајца учесници од првопласираните да учествуваат на „Охрид фест“. Мене ми е посебно драго што ќе ги видиме на сцената учесничките на првото издание на талент шоуто Андреа Јованоска и Емилија Петровска. Искрено се надевам дека нема да застанете тука, се надевам дека ова талент шоу секоја година ќе биде традиција и убеден сум дека некое од овие млади имиња ќе постане и македонска ѕвезда, но и пошироко. Јас сум подготвен во таа смисла да помогнам. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука