август 23, 2017

Струга, 23. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Паркот на поезијата во Струга е побогат за уште едно дрво – засадено од годинашниот добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, големиот американски и светски поет Чарлс Симиќ.

Лауреатот Симиќ на средбата со новинарите и почитувачите на поетската реч говореше за своите почетоци во пишувањето, за поттикот да ги преведува поетите од некогашна Југославија, сакајќи да им покаже на американските пријатели дека и од овде доаѓа добра поезија.

Добитникот на Пулицеровата награда, поетот лауреат на САД и носител на многу престижни признанија е препознатлив по својата едноставност во пишувањето, специфичниот хумор и опевањето на едноставните нешта.

Запрашан која е пораката што од Струга им ја испраќа на поетите, тој одговори: „Немам порака. Поезијата е најиндивидуалната работа на светот, посебно лирската. Поетите треба да го прават она што го прават – да пишуваат песни. Деновиве сите во САД се занимаваат со прашањето – Што треба да прават поетите во времето на Трамп? Јас го мислам истото што и за социјало ангажираните поети и поезија од 30-те години на минатиот век или од времето на Големата депресија. Многу од тие стихови се одамна заборавани, а причината е едноставна – не биле добри“.

По средбата со венцоносецот, во холот на хотелот „Дрим“ беше отворена изложба на фотографии „Кратки приказни“ од Драги Неделчевски. (Крај)

извор: СВП фото: СВП

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука