август 25, 2017

Струга, 25. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Михаил Ренџов за книгата „Јас Елегии“ е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, што годинава беше доделена по 55-ти пат.

На годинашниот конкурс пристигнаа 38 поетски книги, од нив жирито селектираше пет збирки, а во најтесниот круг се најдоа „Јас. Елегии“ на Ренџов и „Со слободна рака“ на Јовица Ивановски.

„Книгата „Јас. Елегии“ од Михаил Ренџов е комплексно, темелно конципирано и впечатливо поетско дело што се одликува со идејно-содржинска и со формално-стилска кохерентност. Поетската онтологија, елегичниот тон и сонетната форма се хармонична тријада врз која е цврсто втемелена книгата „Јас. Елегии“ од Михаил Ренџов и таа неспорно претставува творечко резиме на овој автор – стои во образложението на жири- комисијата во состав: Глигор Стојковски (претседател) и членовите: Димитар Пандев, Кристина Николовска, Иван Џепаровски и Јовица Тасевски Етернијан.

– За мене беше восхитително и тоа што сум во најтесниот круг од 38-те пристигнати поетски ракописи. На овие години да се добие наградата е најпрвин поклонение на Браќата Миладиновци, а и признателност за 25-те книги што досега ги имам напишано. Трудот не бил залуден и во оваа заодност на животот најдов причина и понатаму да пишувам, рече возбудено поетот Ренџов.

Наградата „Браќа Миладиновци“ е востановена во 1963 година како признание за најдобра поетска книга меѓу два фестивали. Таа е најголемата национална награда за поетско творештво во Република Македонија. Оваа година за половина беше  зголемен фондот на најпрестижната книжевна награда за творештво на македонски јазик, а како дел од истата е и превод на книгата на добитникот на еден странски јазик. (Крај)

извор: СВП фото: СВП

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука