септември 28, 2017

Струга, 28. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Синоќа во хотел „Дрим“ во Струга се одржа промоција на кандидатот за градоначалник Васил Ашталкоски и  советничката листа за општина Струга од Социјал Демократскиот Сојуз на Македонија и коалицијата.

На промоцијата свое излагање имаше носителот на советничката листа Николина Велкоска Глигороска која истакна дека овие избори се битката која ќе се води за гласот на граѓаните и вистинските потреби на секој граѓанин на општина Струга, советничката листа на СДСМ и коалицијата ќе се залага за  подобро и поинакво од досегашното утре. Приоритет ќе биде ставен на потребите, интересите и заложбите на секој граѓанин на општина Струга.

– Позицијата советник со себе носи голема одговорност, не само кон градот, туку и кон секој еден граѓанин кој ќе го заокружи бројот 19 на овие избори. Наша обврска е од Струга да создадеме дом за секој да се чувстува безбедно и удобно во овој град, како во сопствениот дом. Ќе се залагаме да ги подигнеме стандардите за живот и нашите деца да останат во домот и овде да ја гледаат својата иднина. Како родител најголема болка и страв ми причинува последицата од досегашното владеење кое ни ги избрка децата и не доведе до работ на егзистенцијата, напомена Велкоска.

Кандидатот за градоначалник Васил Ашталкоски истакна дека добивајќи ја честа токму тој да е кандидат за градоначалник на општина Струга се чувствува охрабрен бидејќи знае дека ја има поддршката на сите присутни со кои имаат единствена цел – Да го вратат животот во Струга. Се претстави себе си и потенцираше дека треба да го негуваат и чуваат заедништвото кое е симбол на градот Струга. Накратко се осврна на периодот кој Македонија го помина во изминатите 11 години потенцирајќи дека со водењето погрешни политики и расфрлањето на народните пари за непотребни споменици можело многу повеќе да се направи за граѓаните и општините, како и за Струга која во тој период беше целосно заборавена.

– Ја побара поддршката на сите граѓани на општина Струга без разлика на нивната етничка, верска и политичка припадност. Ја бараме Вашата поддршка за да ги направиме промените и да зачекориме по нов пат. Пат каде честа, одговорноста, посветеноста и отвореноста ќе бидат основни вредности во работата на општина Струга. Сите ние, имаме одговорност кон нашите предци кои многу направиле за нашата општина Струга, но многу поголема одговорност имаме кон нашите деца. Нив им должиме и нови градинки, нови училишта и спортски објекти. Но должни сме да ја вратиме чистата животна средина и снабдувањето со чиста вода. Им должиме уреден простор, поправени и сигурни патишта и велосипедски патеки, истакна Ашталкоски кој им порача на сите граѓани на општина Струга на 15-ти октомври да го дадат својот глас за бројот 19 – за живот на сите во Струга. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука