јануари 25, 2015

Атина, 25. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Денес во Грција ќе се одржат предвремените парламентарни избори на кои главен фаворит е екстремно левичарската партија Сириза.

Победата на Сириза би можела да направи вистински политички пресврт во Европа, каде и други популистички партии сакаат да започнат сопствена кампања против мерките за штедење. Според аналитичарите, изборите се одлучувачки и за тоа дали Грција ќе остане или ќе ја напушти еврозоната.

Во врска со ова, во петокот се огласи и германската канцеларка Ангела Меркел:

– Во самата срж на нашите вредности е солидарноста. Сакам Грција, и покрај сите потешкотии, да остане дел од нашата приказна, порача таа.

Грците излегуваат на предвремени избори откако парламентот во три обиди не успеа да избере нов шеф на државата, кој ќе застане на местото на Каролос Папуљас. Според Уставот, во ваков случај, се распишуваат парламентарни избори.

На изборите учествуваат 18 партии и четири колации. Покрај Сириза, позабележителен успех се очекува да постигнат и владеачката Нова демократија, ПАСОК, Златна зора, Комунистичката партија, Потами и Демократската левица.

Анкетите покажуваат дека Сириза во моментов има околу 5,3% предност пред конзервативната Нова демократија на премиерот Антонис Самарас. (Крај)

извор: АФП фото: АП

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука