Охрид, 19. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Петтата Конференција на заинтересираните страни за управување со Дримскиот басен ќе се одржи во Подгорица, Црна Гора, на 21-ви и 22-ри ноември.
За утре е закажана работна средба на експертските групи на Дримскиот процес, на која ќе присуствува Дејан Пановски, координатор на ГЕФ Дримскиот проект .
На дводневната конференција акцентот ќе биде ставен на управување со ризиците од поплави,превенција и предупредување.
Ќе присуствуваат претставници на институции од земјите кои го делат Дримскиот басен, како и други заинтересирани страни, локални власти, академскиот сектор, граѓански организации.
– Пред учесниците ќе бидат презентирани изготвените тематски студии за Басенот (социоекономија, институционална поставеност, биодиверзитет, хидрологија и инфо мониторинг систем) кои се основа на прекуграничната дијагностичка анализа. Ова е прв пат вакви студии да се изготвуваат за Дримскиот Басен, вели Пановски.
Главни цели на конференцијата ќе бидат информирање на засегнатите страни за напредокот во имплементација на Дримскиот Меморандум и планираните активности во рамките на Дримскиот Проект, како и подигнување на свеста за важните прашања за жителите и екосистемот во Дримскиот Басен.
За 23-ти и 24-ти ноември пак е закажан 14-от состанок на Дрим Кор групата на кој покрај одобрување на тематските студии ќе се врши и презентација на Годишниот извештај за работата на Проектот како и Работниот план на Проектот за 2018 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива