Труимф над Кристијанштад за успешен крај на годината во ЛШ

Скопје, 1. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Европскиот првак Вардар утре ќе го заокружи есенскиот дел од настапите во Лигата на шампионите. Гостин на „црвено-црните“ ќе биде шведскиот првак Кристијанштад.

Вардар низ историјата никогаш немал проблеми во соочувањата со Кристијанштад, а нивниот последен меч одигран на 4 ноември избраниците на тренерот Раул Гонзалес го добија со 26:23.

„Очекувам тежок натпревар зашто Кристијанштад имаат добри играчи. Знам дека сме во многу добра ситуација, зашто сме прво место во групата до феваруари. На гости против Кристијанштад одигравме многу добар натпревар, тоа се противници кои играат брзо, имаат добар контранапад. Против Пик Сегед одиграа добаро, демонстрираа многу брза игра. Очекувам и тука в сабота да биде слично зашто имаат многу добри играчи, со искуство и играат брз контранапад“, рече стратегот на Вардар.

Шпанецот има проблеми со здравствениот билтен и, како што рече, по утрешниот тренинг ќе биде познато дали Хорхе Македа и Рожерио Мораеш ќе бидат во комбинација за натпреварот.

Вардар во досегашниот дел од сезоната во Лигата на шампионите е единствениот тим кој не загубил, на деветте натпревари „црвено-црните“ седум пати победиле, а двапати одиграле нерешено.

„Утре играме навидум лесен натпревар, но Кристијанштад не треба да се потценува. На натпреварот со ПИК Сегед покажаа дека се незгодна, динамична екипа. Ако играме како што знаеме ќе ја оправдаме таа фаворитска улога и со победа да завршиме Лига на шампиони. Не треба да се опуштиме, досега немаме пораз и сѐ оди добро, да не ја разочараме публиката на крајот од годинава”, изјави капитенот Стојанче Стоилов.

Натпреварот утре во СЦ „Јане Сандански“ ќе почне во 17:30 часот. (Крај)

извор: 24фудбал фото: архива

scroll to top