Охрид, 13. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Осум полициски резервисти од СВР Охрид избркани од работа. Без никакво претходно образложение доцна синоќа добиле повик да го раздолжат оружјето, бидејќи им престанал работниот однос.
Тие биле вработени од 2015 година како резервен полициски состав со договор на дело, а вршеле обезбедување на претседателската вила и на премиерот.
– Дежурниот ни се јави без никаква претходна најава и ни соопшти дека не сме повеќе на работа, бидејќи денес почнуваат нови осум припадници на резервниот состав на нашите места, вели за порталот ОхридНет Христијан Дулески, полициски резервист.
– Никој не ни излезе во пресрет да ни каже што е проблемот со нас. Вие како го толкувате ова? Не знам како поинаку, освен како лични интереси и како политички прогон, вели Влатко Ангелески, полициски резервист.
Со солзи во очите, загрижени за опстанокот на своите семејства, кои останаа без главните месечни приходи, раскажуваат дека немале пензиско и здравствено осигурување, ниту годишен одмор.
– Јас имам ќерка на факултет, имам син кој завршува средно и треба да оди на факултет. Јас немам други приходи, додава Ангелески.
– Остануваме социјални случаи без никаков приход, вели полицискиот резервист Сашо Спироски.
Тие истакнаа дека побарале средба со началникот, но тој не сакал да ги прими и најавија дека ќе бараат правда по судски пат.
извор: ОхридНет фото: ОхридНет