Kривична пријава до поранешната директорка на охридскиот Завод и музеј Паскали-Бунташеска за нанесена финансиска штета на буџетот

Охрид, 16. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Завод и Музеј од Охрид поднесе кривична пријава против поранешната директорка на оваа установа Тања Паскали – Бунташеска, поради големата финансиска штета врз Буџетот на Република Македонија, информираат од Министерството за култура.

Истата била настаната поради непостапување на судска одлука од страна на поранешната раководителка на Музејот во случајот со судскиот спор за потпорните ѕидови до музејскиот комплекс „Куќа на Робевци“ меѓу установата и еден од соседите.

– Станува збор за обемен предмет, судска постапка која се водела пред Основниот суд во Охрид уште од 2008 година, во време кога директорка на Завод и Музеј – Охрид била Тања Паскали – Бунташеска. Оваа постапка завршила со правосилна пресуда за вознемирување на правото на сопственост на тужителот од страна на тужениот Завод и Музеј – Охрид во декември 2009 година. Со пресудата, заводот бил задолжен да отстрани делови од градби – ѕидови од парцелата на тужителот. Но, поранешната директорка на Завод и Музеј – Охрид не го сторила тоа, а тужителот повел постапка за изрекување на судски пенали заради неизвршување на пресудата од декември 2009 година. Постапката завршила со пресуда на Апелациониот суд – Битола, со која биле изречени судски пенали во висина од 3.000 денари дневно. И покрај ваквото задолжение со дневни судски пенали, поранешната директорка и одговорно лице на Завод и Музеј – Охрид не пристапила кон рушење на ѕидовите по судската пресуда, со што би се избегнало плаќањето на дневните пенали. Како последица од ова непостапување, се насобрале судски пенали во износ од 2.322.290 денари, што е повеќе од 700 денови доцнење со извршувањето на пресудата. Оваа сума, која им е исплатена на тужителите, е директна штета на установата и на Буџетот на Република Македонија, информираат од Министерството за култура.

Додаваат декае тука не се запрело и дека Паскали – Бунташеска продолжила со неизвршување на судската пресуда.

– Неизвршувањето траело уште неколку години и сето ова се криело како од Министерството, така и од сегашната в.д директорка при примопредавањето на должноста, на 24-ти јули оваа година. Тужителите на 24.10.2017 година, повторно на истиот начин, преку извршител, по истата пресуда од 2009 година, за дневни пенали ја блокираа сметката на Завод и Музеј од Охрид. Овој пат, сумата на налогот за извршување е во износ од 5.239.217 денари, што претставува повеќе од 1.700 денови или повеќе од 4 години неизвршување на пресудата. Обврската за рушење на ѕидовите по судската пресуда е конечно исполнета од новото раководство на ден 05.12.2017 година – и тоа за само неколку часа и за трошоци од само 500 евра. До овој момент, штетата која е предизвикана од неодговорното однесување, односно неизвршувањето на службената должност на поранешната директорка изнесува вкупно 7. 561.507 денари, или околу 123.000 евра. Затоа, за овој случај Заводот и Музеј од Охрид поднесе соодветна кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Охрид за негово понатамошно постапување, информриаат од Министерството за култура на Република Македонија. (Крај)

извор: Министерство за култура фото: архива

scroll to top