Охрид, 25. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денешниот празник Свети Спиридон Чудотворец, заштитникот на чевларите во минатото масовно се одбележувал во Охрид, традиција што веќе ја нема.
Кондураџиите на денешниот ден се собирале вртеле погача со паричка, се избирал кум, си имале свои обичаи. Но, тоа за жал изумре. Последниве 15-на години нема чевлари кои ги прават овие адети, вели чевларот и претседател на Регионалната занаетчиска комора, Сашо Богоески.
Моментално во комората се регистрирани вкупно 300 занаетчии во Охрид и Дебрца и тоа најмногу фризери, бербери и козметичари. Во однос на регистрација на нови занаетчии оваа била најслаба во последниве 6-7 години, регистрирани се само 19 нови занаетчии, а 7 престанаа да вршат дејност. За жал и кондураџискиот веќе е занает кој изумира. Од самото формирање на комората сме шест чевлари и останавме на таа бројка.
Што се однесува до работата на комората на занаетчиите, во тек е подготовката на завршната сметка. Оваа година на финансиски план ќе ја заокружиме со прилив од околу 240 000 денари, вели Богоески.
– Приоритет следната година ќе ни биде спроведување на донесениот Закон за занаетчиство, добивме решение за вршење на јавни овластувања од Министерството за економија. Значи ние како комора сме спремни да го спроведиме законот, чекаме да се формулираат некои детали и да почнеме да го спроведуваме законот, истакна Богоески.
Тој подвлече дека со новиот закон секој занаетчиски дуќан ќе треба да поседува една занаетчиска дозвола за да може да се обавува дејноста. Најново е тоа што калфите се враќаат во занаетчиските дуќани. Секој занаетчија има право на калфа, кој во период од една година ќе го изучува занаетот и после тоа ќе полага испит за соодветниот занает.
– Како член на Управниот одбор на Републичката комора ќе поднесам барање до Министерството за економија за ослободување од некои давачки за старите занаети и занаетите во изумирање, рече Богоески.
Во Регионалната занаетчиска комора се опфатени занаетчиите од Охрид и Дебрца. Со оглед на тоа што Струга и Дебар не успеаа навреме да извршат усогласување за вршење на јавни овластувања, по се изгледа и овие две општини, заедно со Вевчани и Кичево ќе бидат дел од Регионалната комора. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес