Струга, 26. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „посебни случаи на фалсификување исправи“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, Полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против 30-годишниот Д.И., вработен во Шумската полиција во Струга и 37-годишниот Р.А., вработен во Основно училиште во селото Лабуништа, двајцата од струшкото село Подгорци.
– Пријавените, казнените дела ги сториле на 26-ти април годинава по претходен меѓусебен договор со цел набавување на мобилни телефони на рати од продавница за бела техника во Струга. Пријавениот Д.И. со цел да докаже дека е член на синдикатот, неовластено го употребил службениот печат на Шумската полициска станица, ставајќи го на потврда на негово име, а потоа го фалсификувал и потписот на претседателот. Пријавениот Р.А. казненото дело го извршил со фалсификување документ и неовластено изготвување на административна забрана на плата на негово име, употребувајќи го печатот и штембилот од Шумската полиција, со фалсификување на потписот на овластеното лице и на раководител на финансиска служба. Тој, иако вработен во основното училиште, по договор со Д.И. неовластено пополнал изјава во која навел дека е вработен во Шумската полиција на работно место референт и дека е член на синдикатот. Потоа, него му била изготвена потврда со фалсификат потпис на претседателот и изготвено решение за извршување административна забрана на плата, употребувајќи го повторно печатот и штембилот на истата институција. Така фалсификуваните документи, двајцата пријавени ги употребиле во продавница за бела техника од каде, на рати набавиле мобилни телефони, информираат од СВР Охрид. (Крај)
извор: СВР Охрид фото: архива