Охрид, 28. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Збогатена туристичката и угостителската понуда на познатото охридско село Куратица, синоќа свечено беше отворен етно ресторанот „Дедо Димо“.
Овој етно ресторан е продолжение на приказната што ја започна селото Куратица пред 10-15 години за развој на селскиот туризам, така да таа приказна ја надоградуваме, рече сопственикот Горан Ангелоски.
– Се надевам дека оваа приказна ќе послужи за пример не само во Охрид, туку и во цела Македонија како би можел да се развива туризмот и како може нашите села да одат понатаму. Целта на оваа приказна е пред се да ги привлечиме најмногу домашните и странските туристи, при што ќе им понудено зготвената традиционална македонска селска храна. Тука ќе имаат можност да јаваат на магариња, ќе им понудиме авантури со џипови, пешачење, планински велосипедизам, во зимски услови авантури со ратракот, така што од ден на ден ја надоградуваме приказната на Куратица, потенцира Ангелоски.
Идејата за ваков тип на ресторан ја добил уште во 90-те кога со семејството бил на печалба во Швајцарија, со став дека и ние може да понудиме нешто наше,автентично кое ќе функционира и на кое странците ќе завидуваат. Приказната за името на ресторанот ја барале подолго време.
– Се работи за наш дедо, кој живеел тука и бил заштитник на селото, рече Ангелоски.
Тој посочи дека селото Куратица ќе биде пример за развој на туризмот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/fb