Писмо од дефектологот Аслимоска: Ја продолживте низата на реваншизам и отфрлање на оние кои сакаат да работат

Охрид, 29. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – По последните настани и вчерашниот бојкот на наставата во ОУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид, со реакција се јави и дефектологот Билјана Аслимоска. Вчера за истото се произнесе и директорката на училиштето Наташа Танеска.

Писмото на Аслимоска Ви го пренесуваме во целост:

Почитувани!

Најпрво, би сакала да изразам огромна благодарност за поддршката на родителите и целокупната јавност за новонастанатата ситуација во училиштето „Св. Климент Охридски“ во Охрид. Во натамошното писмо, би сакала да го изкажам својот став и мислење за работната позиција на која се наоѓав – Стручен соработник дефектолог.

Што се однесува до мене, со цело срце почитувам различност, но дали Вие го правите тоа и дали сте поразлични за да Ве почитуваме?!

Најголем удар и болка која ја осетив во новонастанатата ситуација е искрената верба во ова Ваше ветување, очекувањата и надежта која ми ја дадовте и ме натеравте да верувам дека навистина некогаш и од некој ќе има промена и ќе се почитува работникот, професионалецот, стручниот кадар. Ќе се препознае амбицијата и желбата за работа, одговорноста и безрезервната љубов и посветеност. Професионализам, образовани, знаење, ученици, потешкотии,ставови, инклузија, родители?! Дали нешто од ова зедовте во предвид? Или преовладуваше само едно, политика, презиме, моќ во опшеството.

Регуларности?! Мислење на училишен одбор, експонирање на родители, Граѓанска иницијатива, имиџ во градот, експонирање по медиуми и низа успешни проекти? Сензорна соба, опфатени деца со потешкотии, поддршка во настава, делување и надминување на стереотипи и предрасуди кон овие ученици, работилници и развивање на емпатија кон овие ученици, индивидуални образовни програми, низа работилници…

Погледнавте наоколу или само едноставно ја продолживте низата на реваншизам и отфрлање на оние кои сакаат да работат. Несебично ја сакаат професијата и прават се за добро на училиштето во кое се нашле. И доколку Ви е важно, не се тука по партиска линија. По многугодишно волонтирање, успешно работење, без стаж и осигурување, но среќно и исполнето, заморно и посветено, работење со дечиња кои имаа потреба од тоа.

Се вметнав во новиот проект кој се реализираше од претходната власт, каде покрај мене влегоа уште 100 дефектолози на ниво на цела држава. Не зазедов ничие место и никого не испратив дома. Истакната и посветена со најубави намери за напредок се надевав и залагав дека тоа ќе го видите, цените и задржите.

Но за жал не, Вие одбравте да ме пратите дома и да донесете личност која влезе на работа во истиот проект, од претходна влада но во друго училиште, одбравте да ја ротирате и донесете на мојата позиција. Некој требаше да преживее? Тоа ќе Ве оправда? Што се случи со нејзината работна позиција? Ве замолувам за одговор, во што е разликата меѓу мене, неа и Третата личност? Или пак можеби во професионалните квалификации? Не ми е јасно, во писмото не добив одговор.

А дали Вие почитувани знаете дека иние имаме семејство и деца, дека целиот овај Ваш пазарлук некој го доживува и преживува? Или ќе се навикнат, ќе се прилагодат, само Вие да го остварите Вашиот интерес!

Почитувани, децата немаат интереси, имаат чувства и емоции, а и ние, обичните, кои сме се нашле затекнати во оваа цела игра, имаме чувства и не мислам дека не заслужувате, премногу сме квалификувани за оваа игра.

Б. Аслимоска

scroll to top