јануари 5, 2018

Охрид, 5. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Македонската православна црква-ОА одлучи годинава на 5-ти јануари да не се палат бадникови огнови, а веќе собраните дрва да се донираат на социјално загрозените семејства.

Црквата ги повикува верниците да го почитуваат овој апел и да почне процесот на конечно прекинување на оваа традиција меѓу народот која нема верски елементи на празнување. Наместо на улица покрај оган, од МПЦ ги повикуваат верниците на богослужба во црква, каде достојно ќе се прослави Христовото раѓање. Дополнително МПЦ апелира до своите верници на овој начин да спречат дополнително загадување на воздухот во овој период на екстремна загаденост во градовите низ земјата, а особено во главниот град.

– Верниците од секое маало, секоја улица, секоја населба или град кои планираат да организираат коледарски оган, да не го прават тоа, туку да ги донираат дрвата. Исто така, на тој начин ќе покажеме и доволна граѓанска свест во време кога главниот град Скопје, но и другите градови се соочуваат со енормно ниво на загадување, потенцираат од МПЦ.

Исто така, МПЦ потсетува дека коледарските огнови не се традиција која е во согласност со преданието на христијанската вера, зашто во време на пост се прават забави, некаде дури и се мрси, а луѓето место во црквите на служба и молитва, се присутни околу огновите, кои се пагански, а не христијански обичај.

– Ги повикуваме сите верници да учествуваат во вечерните богослуженија на Бадник, па така достојно да го прославиме Христовото Рождество, додаваат од МПЦ. (Крај)

извор: религија.мк фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука