јануари 28, 2018

Мадрид, 28. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Уставниот суд на Шпанија не ја суспендираше кандидатурата на отстранетиот каталонски претседател Карлес Пучдемон за повторен претседател на владата на Каталонија, но ќе го блокира неговото именување доколку тој лично не се појави во парламентот во Барселона, објави судот на својата интернет страница.

Шпанската влада побара од Уставниот суд да ја поништи кандидатурата на Карлес Пучдемон, бидејќи во Шпанија е обвинет за бунт во државата и доколку се врати во земјата му се заканува притвор и судење по неколку точки за што може да добие долгогодишна затворска казна.

Пучдемон, за да го избегне апсењето од 29-ти октомври живее во Белгија и е повторно единствен кандидат за претседател на шпанската покраина Каталонија. На таа должност го именуваше новиот претседател на каталонскиот парламент Роже Торен, кој исто така е поборник на независноста на покраината. Потоа во петокот владата во Мадрид вложи жалба, а за неа расправаше Уставниот суд.

Уставниот суд не ја поништи номинацијата, но ја услови со физичко присуство на Пучдемон во Барселона во текот на расправата во парламентот. Со тоа всушност го забрани неговиот избор, бидејќи Пучдемон не може да ја мине шпанската граница, а да не биде уапсен.

Поборниците на независноста имаат намера Карлес Пучдемон да го именуваат во отсуство, односно да го изгласаат додека е во Белгија, а тој седниците на владата на Каталонија да ја води преку видео линк. Според Уставниот суд, таквото именување преку телевизиски екран нема да биде дозволено. Нема да биде дозволено, исто така, ниту пренесување на гласот на Пучдемон на друг пратеник во парламентот.

Карлес Пучдемон е избран во каталонскиот парламент на вонредните покраински избори на 21-ви декември, кои ги распиша владата во Мадрид откако ја суспендираше автономијата на покраината и се надеваше дека на нив ќе бидат поразени партиите кои се залагаат за независност. Меѓутоа, иако голем број челници на движењето за независност беа во притвор или во егзил па не можеа да водат предизборна кампања, сепаратистите, сепак, повторно добија мнозинство во парламентот и инсистираат Пучдемон да биде претседател.

Пучдемон претседаваше со регионалната влада од крајот на 2015 година до 29-ти октомври 2017 година, кога го отстрани шпанската влада бидејќи два дена претходно во каталонскиот парламент беше изгласано воспоставување на независна Република Каталонија. (Крај)

извор: Нетпрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука