февруари 1, 2018

Охрид, 1. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во моментов 11 фудбалски екипи од Република Македонија, Србија и Косово се на зимски подготовки во Охрид и тренираат на терените на спортскиот центар „Билјанини извори“.

За тоа со какви адути располага Охрид кога е во прашање спортскиот туризам, колку екипите се задоволни од условите кои ги нудиме и како истите да ги подобриме за спортскиот туризам да стане значајна алка од севкупниот туризам во градот, денес Александра Алексијевска во „Радио Корнер“ разговараше со Гордана Јовановска, директор на спортскиот центар „Билјанини извори“.

Супер радио: До кога ќе траат зимските подготовки на 11-те фудбалски екипи кои во моментов тренираат во Охрид?

Јовановска: Две фудбалски екипи од Србија, една од Косово и девет македонски во моментов се на зимски подготовки во Охрид и ќе останат до 11-ти февруари. Имаме најава за пристигнување на уште две младински фудбалски екипи од Република Србија, од Војводина кои бидат во Охрид од 18-ти до 28-ми февруари. Се надевам дека оваа година истите ќе имаат врвни фудбалски резултати, по што ќе го запаметат Охрид како еден од најдобрите центри за спортски подготовки, со желба повторно да се вратат.

Супер радио: Според Вас со какви адути располага Охрид кога е во прашање спортскиот туризам? Колку се задоволни екипите кои во моментов тренираат во Охрид?

Јовановска: Охрид освен што располага со услови за класичен туризам, рурален туризам, културен туризам, конгресен туризам, Охрид располага и со одлични услови за спортски туризам. Климата која што ја имаме, особено во зима, ги воодушеви екипите кои моментално тренираат во Охрид. Фасцинирани се кога во зима, како оваа, имаме сончеви денови со 10-тина степени Целзиусови. Ова дава идеални услови за нивните подготовки. Нашите терени во моментов се во одлична состојба, подготвени се максимално. Располагаме со два терени, од кои едниот е со природна трева, односно Градскиот стадион. Имаме одлични услови за во годините пред нас, што повеќе акцент да му дадеме на спортскиот туризам, кој надополнет со конгресниот туризам, може да биде вонсезонски туристички адут на градот.

Супер радио: Како институција имате ли добра соработка со хотелиерите, бидејќи и тие се многу значајна алка во севкупниот впечаток кој ќе го понесат екипите по нивното заминување од подготвителните тренинзи?

Јовановска: Со хотелиерите имаме беспрекорна соработка и тоа е добро, затоа што тоа е нужна корелација. Ние секогаш сме заинтересирани од екипите да добиеме мислење дали се тие задоволни, не само од она што ние им го нудиме како спортски центар, туку и од останатите аспекти, како на пример колку се задоволни и од сместувачките капацитети. Баш пред некој ден приредивме коктел, за да им се заблагодариме што го избраа Охрид како дестинација за зимски подготовки, а нивните коментари беа дека се презадоволни.

gordanasala2Супер радио: Што може да направиме за во Охрид да се случи експанзија на спортскиот туризам? Како да ги подобриме условите и да привлечеме што повеќе спортски екипи да доаѓаат на тренинзи во Охрид?

Јовановска: Ние како град и како Јавно претпријатие мора многу напорно да работиме за спортскиот туризам да биде значаен сегмент од севкупната туристичка понуда на градот. Од екипите кои моментално тренираат во Охрид добивме забелешки дека би било добро во хотелите каде што се сместни да има теретани, каде би се загреале, пред да дојдат на терените на спортскиот ценатар за да го обават тој втор дел од нивните тренинзи. Мора да направиме и повеќе терени во рамките на СЦ „Билјанини извори“, како за фудбал, така и за другите спортови кои не смееме да ги запоставиме. Ни треба и една дополнителна сала за ракометни и кошаркарски натпревари. Од нештата што треба да ги направиме е да формираме екипи за ракомет, кошарка и фудбал кои што ќе бидат на едно повисоко ниво. Самите тие екипи, на гости ќе ги канат своите пријателски тимови од балканските простори и на тој начин многу спортски екипи кога лично ќе го доживеат Охрид, ќе посакаат и тие своите сезонски подготовки да ги прават тука.

Супер радио: Минатата година „Барселона“ од Шпанија имаше свој фудбалски камп во Охрид. Тренинзите ги држеа тренери од овој реномиран клуб. Тоа беше одлична шанса некој од т.н. скаути во Македонија да пронајде нов фудбалски талент. Прави ли напори СЦ „Билјанини извори“ за некоја нова соработка од ваков калибар?

Јовановска: Се рабира дека правиме напори во Охрид да се одржуваат вакви кампови. Охрид како град е многу интересен и му недостигаат баш тие врвни менаџери да ги таргетираат нашите таленти. Охрид има млади спортски таленти, тоа многу не радува. Она што многу ме радува во последно време е тоа што родителите доста обрнуваат внимание кај своите деца да всадат љубов кон спортот уште од најмала возраст.

Супер радио: Пред крај, каков белег сакате да остави Вашето раководење со СЦ „Билјанини извори“, кои се Вашите примарни цели кои  зацртавте да ги реализрате како директор?

Јовановска: Примрна цел ни е да го направиме СЦ „Билјанини извори“ многу посовремен, во иднина да имаме фудбалски терен со многу посовремени трибини, знаеме дека тоа ни фали. Потребна е реконструкција на спортската сала и изградба на нова, дополнителна помашна сала која што би се користела за загревање и на таков начин да имаме подобри услови и за нашите спортисти, кои подобрени услови би резултирале и со поквалитетни клубови и поголеми успеси во домашните и меѓународните натпреварувања. Потребно е и комплетно подобрување на инфраструктурата и хортикултурата, за уште на самиот влез кога ќе се влезе да се почувствуаа спортскиот дух.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува на Супер радио секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Бистро „Корнер“. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука