февруари 4, 2018

Охрид, 4. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Под силни безбедносни мерки, со затворени улици и метро станици на плоштадот Синтагма, пред грчкиот парламент,  ќе се одржи долго најавуваниот протест, јавува дописникот на МИА од Атина.

Сите погледи во Грција се вперени кон собирот. Грците, според најавите масовно „ќе го бранат името Македонија“. Од сите краишта на земјата, организирани со автобуси, бесплатно или по цени со 50 отсто попуст, ќе пристигнат во „еднодневна екскурзија“ во грчката престолнина.

– „Солун кажа, на ред е Атина да извика: Македонија е една и грчка“, порачаа организаторите на протестот во видео повикот, објавен на социјалните мрежи, а уште од завчера започнаа со подготовките на Синтагма.

Според изјавите на организаторите за грчките медиуми, процените се дека денеска на собирот ќе има најмалку 1 милион граѓани. На присутните или лично или преку снимена порака со поздравен говор ќе им се обрати познатиот грчки композитор Микис Теодоракис, а говорници ќе бидат и професор по уставно право, тројца митрополити од ГПЦ и претставници на организаторите.

Паралелно со протестот на плоштадот Синтагма, на оддалеченост од само 800 метри, анархистите подготвуваат контра протест, односно антифашистички собир. Официјалниот почеток е закажан за 12:00 часот, два часа порано од оној за „Македонија“. (Крај)

извор: МИА фото: архива видео: Livemedia.gr

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука