март 9, 2018

Охрид, 9. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Публиката ја запозна кога во 1991 година за првпат стапна на фестивалската сцена и тоа на „Макфест“. Тогаш започна музичката приказна на македонското девојче, Каролина Гочева. Голем број песни, концерти, настапи и девет албуми зад себе. По седумте концерти во Скопје, на задоволство на публиката, во организација на FEEL Продукција, таа вечерва гостува во Охрид.

Пред концертната промоција на албумот „Извор“ во Охрид, поразговаравме со Каролина колку се промени во сите години кариера, двете учества на Евровизија, за брачниот живот и за нејзините омилени места во Охрид.

Супер радио: Што се промени кај Каролина Гочева од првото појавување на сцената со „Мамо, пушти ме“ до денес, а што остана исто?

Гочева: Се промени тоа што тогаш имав 11, а сега 37 години. Многу работи се менуваат кај сите луѓе, така треба и да биде. Дел од мене е се` уште дете, воопшто не се чувствувам за годините што ги имам. Сметам дека сум многу едноставна. Она што се промени – се разбира е кариерата, всушност тоа што порано беше една детска интересна авантура, барем така сум велела во тоа време. Не ни претопоставував дека тоа ќе прерасне во професија која ќе ја работам. Можам да кажам дека ова ми е еден од ретките соништа кој ми се оствари. Веднаш по полнолетство почнав сериозно да ја работам оваа работа, концерти, албуми… Еве „Извор“ е веќе деветти албум.

karolinapres3

Супер радио: Запловивте и во брачните води, кои ви дадоа една сигурност и спокојност.

Гочева: Искрено претходно приоритет ми беше работата, така беа поставени работите. Секој има различен животен пат. Точно дека се чувствувам, спокојно мирно, опуштено. Не мислам дека бракот треба нешто посебно да промени, баш напротив, мислам дека работите треба да останат исти, партнерите да се надополнуваат еден со друг. Мислам дека во нашиот случај дека тоа е баш така. За новиот албум мојот сопруг го изработи омотот, нацрта мој портрет, кој всушност е и главната позадина на сцената.

Супер радио: Песната „Две лири“ од проектот „Македонско девојче“ на некој начин како да се издвои од останатите?

Гочева: Тоа е песна во која голем број луѓе се пронајдоа, тажните приказни за жал се оние во кои луѓето многу почесто се пронаоѓаат и ги погодуваат. Кога си среќен, воопшто и не размислуваш за тоа, но кога си тажен постојано размислуваш за тагата. Кога ја снимивме песната, воопшто не ми беше меѓу фаворитите, но испадна дека беше полн погодок. Ја пеат дури и малечки дечиња иако текстот е тажен, за неостварена љубов. Исто така, оваа песна е избор и на многу кандидати кои учествуваат на бројните талент шоуа.

Супер радио: Како се справувавте со тоа што сте влезени во шоу бизнисот, а сепак ви треба и време за себе?

Гочева: Добрата страна на мојата работа е што или сум многу зафатена или слободна. Кога имаме концерти, патувања постојано сум посветена на работата. Кога сум слободна поминувам време со драгите луѓе. Одам во Битола, поминувам време со другарките, имам пријателства кои траат од раѓање. Ги негувам пријателствата, многу ми се важни.

Супер радио: Два избори за песна на евровизија. Дали би имало и трет пат?

Гочева: Искрено, не. И покрај тоа што е убава како настан, убаво е да си таму, организацијата е на високо ниво, гледана е, предизвикува внимание. Меѓутоа мислам дека е премногу товар за учесникот. Народот очекува премногу, а не се инвестира во ниту еден наш пејач. Еве лани имавме конечно светска песна. Не би одела затоа што не менува ништо, па дури и да победиш. Навистина е огромен ангажман и психичко оптоварување за пејачот.

karolinapres2

Супер радио: Успеавте низ годините да останете надвор од жолтиот печат…

Гочева: Јас сум таков човек, немам ништо против доколку некој сака да го експонира и тој дел од својот живот, но јас не користам премногу социјални мрежи, не споделувам детали од приватноста. Дури и да излегло нешто останувало на шпекулација. Не се чувствувам природно да го коментирам приватниот живот.

Супер радио: Што е она што Каролина посакува да и се случи или да отпее во следниот период?

Гочева: Сакам еве на пример за две години кога ќе подготвуваме нов албум, како што ќе дојде редот, сакам повторно да го надминеме она што сме го направиле. Сега за сега сме со секој нареден албум се подобри, публиката постојано ни го кажува тоа и се надевам дека така ќе продолжиме.

KarolinaGocevaohrid

Супер радио: Кои ваши песни задолжително ги пеете во друштво?

Гочева: Во друштво обично пеам туѓи песни, меѓутоа од моите една од најубавите ми е „Кој да ми запее“. Тоа е една тажна песна, која Весна Малинова ја напиша за својот покоен татко, кој бил многу весел човек, кој сакал да пее. Едноставно сакам да ја пеам. Потоа „Ти не дојде“, „Да е сон“, потоа од постарите „За година две“, „Капка под небото“.

Супер радио: Како изгледа еден Ваш ден кога сте без обврски?

Гочева: Па еве по седумте концерти во Скопје, три дена останав дома, гледав филмови и серии. Јас сум голем љубител на филмови, и последниве години гледам многу и сакам да муабетам на таа тема.

Супер радио: Кое е ваше омилено место во Охрид?

Гочева: Сакам да седнам на чорба, секако неизбежно на риба во Трпејца, Радожда, низ охридските ресторани покрај езеро. За тоа секогаш ви завидувам на охриѓани, каква убавина имате и каква убавина ви е достапна секој ден. Мојата мајка многу често доаѓа тука. Потоа ја сакам Св. Софија, сакам да шетам низ уличките. Со еден збор Охрид е прекрасен, не може да се издвои едно место. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука