март 21, 2018

Охрид, 21. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – По пауза од девет години, од неодамна повторно на Супер радио со неговата авторска емисија. Важи за еден од најпопуларните Дџ-и во државата, а вели дека поминува одлично на сите подиуми, затоа што е добро кога публиката те знае и знае што може да очекува од Dj-от. Горд татко на малата Касијана која неодамна наполна една година и сопатник на Кристина, без која вели дека е сигурен дека не би било се` толку едноставно.

Неколку збора во „Радио Корнер“ со Александар Илоски aka Dj Face.

Супер радио: Прво за она што е најново. Од неодамна повторно си дел од тимот на Супер радио?

Dj Face: Од почетокот на месец март на Супер радио започна мојата нова емисија „Hip-Hop don`t stop“ која се емитува секоја среда од 21:00 до 22:00 часот, преку 97.00 FM и преку livestream на www.superradio.com.mk. Секоја среда имам различна тематска емисија. Чест и задоволство ми е што повторно сум дел од најслушаната локална радио станица со своја емисија, после подолга пауза од цели девет години.

Супер радио: Потсети не на тоа време, на емисијата пред девет години и денешнава. Концепциски ќе бидат исти или има некои промени?

Dj Face: Емисијата и пред девет години го носеше истото име „Hip-Hop don`t stop“ и генерално беше насочена кон новитети, за разлика од оваа сега која е поразиграна со тоа што секоја прва среда во месецот ќе биде посветена на одреден артист, втората ќе биде навраќање наназад, третата ќе е со мој рандом микс, додека пак во четвртата која е на крајот на месецот ќе имаме новитети.

djfacecorner1Супер радио: Пушташ музика во најдобрите клубови во државава, професионалното животно темпо ти налага секојдневно да бидеш во различни градови. Според тебе во кој град има најдобра публика и најдобар ноќен живот?

Dj Face: Искрено не можам да издвојам, па да кажам ете таму е најдобро. Секоја вечер си има посебна атмосфера, различна од претходната, влијаат многу фактори околу тоа. Во глобала поминувам одлично секаде, многу е добро кога публиката те знае и знае што може да очекува од Dj-от, така да секоја вечер и секое место се посебни за мене.

Супер радио: Во настапите преферираш сидиџеи или грамофони?

Dj Face: Дефинитивно грамофони.

Супер радио: Ако човек ти ја погледне агендата на настапи, слободно може да се рече дека си еден од омилените хип-хоп диџеи во Република Македонија. Имаш менаџер кој сето тоа го организира?

Dj Face: Менаџер немам, а и искрено немам потреба од тоа. Во добри односи сум со сите менаџери и сопственици на локали. Лично контактирам со истите, пред се` сме пријатели, а потоа и соработуваме, така да сега за сега немам потреба од менаџер.

djfacecorner2Супер радио: Да се навратиме на почетоците. Кога прв пат се сретна со миксета, сидиџеи, од кого учеше?

Dj Face: Првиот пат беше многу одамна искрено не ни се сеќавам точно пред колку години, знам беше кога бев тинејџер уште од основно образование, навистина беше одамна и како поминуваше времето така и учев и се надградував во секој поглед како со опрема така и со музика, а и технички.

Супер радио: Бидејќи си повеќе од една декада во оваа работа, еден од ретките во смисла да со ова се занимаваш професионално, во смисла да заработуваш исклучиво од диџејската работа, може ли да ни направиш една споредба на ноќниот живот во Охрид сега и пред 10 години?

Dj Fece: Да секако дека има разлика од тогаш до сега и таа разлика се забележува од година на година со секоја промена на генерации, едни заминуваат други доаѓаат. Кај поновите генерации ме радува тоа што голем дел од нив ја разбираат работата на диџеите и можат да направат разлика. Сето тоа е резултат на лесната достапност до се` што ги интересира преку интернетот.

Супер радио: Имаш ли план да се впуштиш и во продукција?

Dj Face: Да, секако. Mое мислење е дека голем дел од оние кои ја работат истата професија тоа им е желба, јас се` уште не се чувствувам подготвен за таков чекор. Тоа е сепак нешто многу поголемо и посериозно од диџејтвото за кое треба многу, многу повеќе работа.

Супер радио: Од неодамна си татко. Твојата среќа има една годинка. Како се снаоѓаш во новата улога на сопруг и родител?

Dj Face: Да, во понеделникот наполнавме една годинка. Навистина често ми го поставуваат ова прашање, според мене многу важно е во животот да ти се случат работите кога најмногу ги посакуваш, така и ќе бидеш спремен на се` што доаѓа со нив, но ништо не би било толку едноставно без Кристина, мојата понежна половина, која морам да ја поздравам, без која сигурен сум не би било се` толку едноставно.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Бистро „Корнер“. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука