март 22, 2018

Охрид, 22. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Празникот Младенци (9-ти март, стар стил) младите го празнуваат како свој ден, како ден на младоста, љубовта и убавината.

Истиот ден Светата православна црква го празнува споменот на четириесетте војници од Севастија кои маченички загинале за Христовата вера. Именден празнуваат: Младен, Младенка и др.

Поголем број обичаи што се изведуваат на овој ден се поврзани со бројот 40 во спомен на четириесетте маченици од Севастија.

Кузман Шапкарев сведочи дека „на 9 март (стар стил) споменот на 40-те маченици, се празнува со некои особености“. Тој сведочи дека спроти празникот собирале 40 полжави, потоа правеле 40 сарми со ориз и расол, а на ручекот пиеле по 40 чаши вино во спомен на 40-те маченици.

И Ефтим Спространов запишал дека за овој празник во Охрид се правеле 40 сарми, се јаделе уште и 40 полжави, 40 ракови итн.

Во други записи, стои дека секој требало да направи 40 метании пред Господ, од полето да донесе 40 прачки, 40 билки и 40 ракови од реката, итн. (Крај)

извор: ОхридПрес/МИА фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука