април 24, 2018

Охрид, 24. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Тој е професор по латински јазик, а вели дека сака своите ученицитe да ги научи на една од најважните лекциии во животот – дека треба да имаме чувство за колективот, дека секогаш треба да бидеме хумани, да уживаме и да се забавуваме во животот.

Стефан Каневче е човекот кој во организациска смисла на охридските гимназијалци им ја дава сета своја поддршка, оваа учебна година по втор пат да се случи традиционалниот хуманитарен концерт, овој пат насловен „Филмовизија 2“.

– Тинејџерите се малку комплицирана група за работа, но од друга страна нивниот елан, креативност и ентузијазам е заразен и мене ми ја дава енергијата што мене ми треба за работата да биде завршена како што треба. Воопшто не е тешко да се работи со нив, ако влезеш во сржта на тинејџерскиот дух, истакна Каневче, кој беше денешен гостин во емисијата „радио Корнер“ на Супер радио.

Супер радио: Подготвено ли е се за концертот вечерва, каде и во колку часот ќе се случи „Филмовизија 2“?

Каневче: Концертот „Филмовизија 2“ е закажан за вечерва од 20:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Генералната проба ќе почне за кратко, а инаку сите потребни подготовки се направени и истите течеа многу глатко во прекрасна атмосфера.

Супер радио: Колку ученици се дел од самиот настан и ќе ве видеме ли и Вам на сцената во улога на интерпретатор?

Каневче: Во делот на изведувачи, танцови кореографии, во бендот кој ги прати изведувачите и техничката поддршка вклучени се 65 ученици. Бендот е истиот од „Предновогодушната Филмовизија, тоа е „Бесниот бенд“. Инаку во 99 проценти тоа се истите ученици кои учествуваа во реализацијата на претходниот концерт. Јас традиционално ќе го затворам концертот со тема од 1968 година на бендот „Steppenwolf“, филмската тема „Born to be wild“.

Супер радио: Новиот концерт ќе биде реприза на стариот или подготвивте сосема нови теми?

Каневче: Иако повторно во фокусот ни се филмските песни, содржински гледано овој концерт  сепак нема да е реприза на претходниот. Работевме на сосема други познати филмски песни.

Супер радио: Чија беше иницијативата за оваа година, за разлика од претходните да има два концерти во учебната година и колку време ви беше потребно за и организациски и со проби да ја подготвите „Филмовизија 2“?

Каневче: Иницијатаивата за оваа учебна година за прв пат да се случат два вакви настани беше на самите ученици. Успехот кој се постигна со „Предновогодишната Филмовизија“ им даде уште поголем мотив за самите да покажат интерес и волја за да направат уште еден. Се консултираа со мене и јас сакав да им ја исполнам желбата тоа пак да го направиме. Тие имаа обврски, имаа писмени, спремаат матура и започнавме со подготовки пред два месеци, кога самите рекоа сега сме подготвени и може да почнеме.

kanevcekorner2Супер радио: Зад овој традиционален концерт стои ОСУ „Св. Климент Охридски“, но најголемиот товар, во организациска смисла го носите Вие. Тешко ли е да се работи со тинејџери?

Каневче: Тинејџерите се малку комплицирана група за работа, но од друга страна нивниот елан, креативност и ентузијазам е заразен и мене ми ја дава енергијата што мене ми треба за работата да биде завршена како што треба. Воопшто не е тешко, ако влезеш во сржта на тинејџерскиот дух.

Супер радио: Кога одбирате кои песни ќе бидат дел од концертот, тоа го правите колективно или секој индивидуално си ја избира својата?

Каневче: Зависи кој како. Накои од изведувачите знаат дека одреден вокал им лежи и веќе се подготвени за изведба на одредена песна, но на оние на кои им треба помош при селекцијата сите заеднички, сите изведувачи и бендот помагаше со препораки според спецификите на гласот на изведувачот.

Супер радио: За оние кои не беа на претходниот концерт во декември, ќе истакнам дека и организацијата и атмосферата беа неверојано добри. Лебдеше чувството дека салата е претесна да ги собере сите, верувам дека така ќе биде и овој пат. За оние кои не сакаат да останат без билет, имате ли пуштено влезници во претпродажба?

Каневче: Влезниците како и минатите концерти со цена од 100 денари. Во претпродажба се продаваат во охридската гимназија, а ќе ги има и на врата пред почетокот на самиот настан во Центарот за култура.

Супер радио: Собраните средства повторно ќе имаат иста цел?

Каневче: Да и овој пат собраните средства ќе се наменат за да се покријат трошоците за учениците од трета и четврта година за задолжителната екскурзија, за учениците кои не можат делумно или целосно да ги покријат трошоците.

Супер радио: Покрај одичната атмосфера, она што беше впечатливо на минатиот концерт беше големата љубов и почит од учениците кон Вас. Како професор уживате ненаметнат авторитет помеѓу учениците. Тешко ли е тоа да се постигне?

Каневче: Реално е релативно тешко да се постигне тоа, но ако имаш јасна цел во она што сакаш да го постигнеш тешкотијата се елиминира и станува најлесната работа. Јас уште кога почнав да работам како професор некако ми „легна“ работата и знаев дека тоа е мојот животен предизвик, иако искрено никогаш не замислусвав дека ќе станам професор.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Бистро „Корнер“. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука