мај 6, 2018

Охрид, 6. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денес православните верници го прославуваат Ѓурѓовден, празник во чест на Свети великомаченик Георгиј Победоносец.

Тој живеел и пострадал за време на безбожниот римски цар и идолопоклоник Диоклецијан (284 – 305 година). Неговите родители биле богати, доброчесни и побожни. Неговиот татко маченички пострадал за верата што и придонело малиот Георгиј така силно да го засака Христа и сецело да Му се предаде, да Му служи и со својот живот маченички да ја потврдии исповеди својата вера и љубов кон Христа Господа.

Свети Георгиј е погубен на 6 мај (23 април) според некои извори 303 година и секоја година на овој датум Светата црква го празнува споменот на својот Великомаченик. Освен овој празник нашиот народ го празнува и 16/3 ноември денот кога е обновен храмот на св. Георгиј и овој празник е познат како Ѓурѓиц.
Ѓурѓовден се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.

Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка и др.

Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден па и во народната песна се пее за нивната поврзаност, за раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период.

Главни обичаи за време на Ѓурѓовден се: плетење на венец од растенија, миење со водата во која се потопуваат растенија, капење во река. Исто така се плетат венчиња од „ѓурѓевско цвеќе“: ѓурѓевка, млечка и други, и со нив се закитуваат влезните врати на дворот и куќата. Тие венци стојат над вратата цела година, до следниот Ѓурѓовден. (Крај)

извор:ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука