мај 16, 2018

Охрид, 16. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – До овој момент за главната трка на спортско-рекреативната трка „Охрид Трчат“ на трети јуни пријавени се околу 500 учесници, а до крајниот рок за пријавување, до 28-ми мај се очекува да се пријават уште 200-300 учесници. Охрид како град ќе покажа извонреден волонтерски дух за сето тоа да помине во беспрекорна и светска организација.

За овие и сите останати моменти и настани во рамките на „Охрид Трчат 2018“, денес разговаравме со Иван Цветкоски од Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите – сите за спорт“, организатор на настанот, денашен гостин во „Радио Корнер“ на Супер радио.

Супер радио: „Охрид Трчат“ и годинава ќе биде спортско-рекреативен настан во чиј склоп ќе се случат повеќе настани. Првиот со кој ќе се најави целата манифестација почнува во сабота на 19-ти јуни, со трката „Night Light Run“, што е прва ноќна трка во Охрид. Како го замисливте овој настан и каква е трасата?

Цветскоски: Размислувавме што може Охрид дополнително да понуди поврзано со трчањето, со рекреацијата и да го презентира Охрид во најдобро светло. Направивме сублимирање што се случува во Македонија, на Балканот и дојдовме на идеја дека Охрид ноќно време е преубав и кога тоа го споивме со рекреацијата, со трчањето дојдовме до „Night Light Run“. Оваа година преку ноќната трка во сабота на 19-ти јуни од 21:00 часот спектакуларно ќе ја отвориме спортската манифестација „Охрид Трчат 2018“.

Супер радио: Каква е патеката на ноќната трка?

Цветскоски: Стартот е кај фитнес зоната на патекта „Студенчишта“, а целта е на плоштад кај споменикот „Св. Кирил и Методиј“, тоа се 2,2 километри. Таму ќе има бина со електронска позадина и со многу осветлување. Оваа трка нема натпреварувачки карактер. Покрај што целиот настан ќе има спортско-рекреативен карактер, ќе има и музичко-забавен карактер. Ќе не забавува музичката иднина на градот, пејачи, музичари, диџеи кои се дел од гимназијата „Св. Климент Охридски“. Очекуваме да биде многу интересно и забавно, ќе има подарок за сите кои ќе се тркаат, но ќе има огромно изненадување кое ќе се случи за време на забавата и не би било изненадување ако сега го откријам.

ivancvetkoskicorner2Супер радио: Како да се пријават оние кои сакаат да бидат дел од Night Light Run и има ли котизација?

Цветкоски: Пријавување за ноќната трка не е потребно, а котизација нема. Она што е потребно е желба, позитивна енергија, потребни се патики и добро би било да се носи маичка во пошарени бои, доколку се има би сугерирал флуросцентни бои. Оние кои сакаат да се тркаат треба да се на стартот 15 минути пред почетокот на трката, одноно најдоцна во 20:45 часот да се кај фитнес зоната на патеката „Студенчишта“.

Супер радио: Пред главниот настан кој ќе се случи на трети јуни, ќе се случат уште две други трки со посебен фокус на најмладите?

Цветкоски: Минатата година замисливме да имаме детска трка, но лани временските прилики тоа не ни го дозволија. Верувам дека оваа година времето ќе е поубаво и на втори јуни ќе имаме детска трка за најмладите, за најголемите групи од охридските градинки, дечињата кои имаат околу пет години. Буквално ќе пресликаме на за нив разбирлив начин што значи учество на една трка. Ќе имаат стартни бројчиња, ќе има награди за најдобрите и во машка и во женска категорија. Се на се` ќе има супер забавна детска атмосфера. Во преговори сме со Амбасадорот на УНИЦЕФ за Макеоднија да биде дел од самиот настан. Покрај детска имаме и училишна трка за учениците од деветто одделение од основните училишта, која ќе се случи на 23-ти мај во 11:00 часот на Кеј „Македонија“.

Супер радио: Во однос на главната трка се ќе биде исто како лани?

Цветскоски: Генерално нема измени во однос на лани. Во трасата, повторно ги имаме трките на пет и десет километри и тим билдинг трката којашто е дел од пет километарската трка. Ќе има освежителни станици, ќе има добра музика, награди за најбрзите итн.

Супер радио: За сето ова да изгледа беспрекорно потребени се и волотери. Покажа ли Охрид волонтерски дух за поддршка?

Цветкоски: Годинава за да разбудиме едно европско и општествено чувство на одговорност имавме и реклама. Прв пат во Охрид се снимаше реклама посветена на волонтеризмот, а со цел да предизвикаме реакции. На нашата веб страна www.ohridtrcat.mk имаме формулар кој што е достапен за секој кој што сака да биде волонтер и пријател на нашата организација. Она што би сакал да го потенцирам е дека до сега имаме скоро 50 он-лајн пријави за волонтирање што е навистина за поздравување и што потврдува дека Охрид покажува волонтерски дух. Верувам дека дополнтелно ќе се пријават уште 20-30 волонтери до крајот на пријавувањето. Заедно со волентерите, кои во најголем дел се од помладата генерација, ќе направиме одлична журка и ќе имаме еден светски настан и на сите кои ни се најавија дека ќе трчаат од дипломатскиот кор ќе им покажеме дека Охрид еволуира и во тој дел, ќе покажеме дека знаеме што значи да се организира една светска спортска манифестација.

Супер радио: Лани имаше доста странци на главната трка, ќе биде ли тоа така и овој пат? И може ли да ни кажете колку натпреварувачи се имаат пријавено за главната трка до овој момент?

Цветкоски: Токму така лани имавме многу странци, а годинава ќе имаме уште повеќе. Она што сакам да го потенцирам и на што сме особено горди како организација е тоа што во текот на денешниот ден го очекуваме 500-тиот учесник на нашата трка што е навистина за поздравување. До крајниот рок очекуваме уште 200-300 пријави.

Супер радио: Пред крај, како да се пријават оние кои се заинтересирани?

Цветскоски: Пријавувањето е он-лајн, сите кои сакаат да ни се придружат, на нашата веб страна www.ohridtrcat.mk треба само да ги следат инструкциите за пријава. Со котизацијата се добива стартен број, peak to go услуга, се добива маичка и многу други подароци. Она што сакам да го потенцирам е дека до 20-ти мај е рокот во кој доколку се пријавите ќе имате ексклузивна можност до стратниот број да стои и името на натпреварувачот. Инаку крајниот рок за пријава е 28-ми мај.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Bistro Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука