мај 16, 2018

Охрид, 16. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Дали е вистина дека секоја година Охридското Езеро зема најмалку една човечка жртва?

Ме праша Сараевчанецот Елвис и продолжи. Имам еден мој пријател кој има стан во Охрид, и тој ми има кажано дека секоја, ама баш секоја година, охридското езеро зема по една или повеќе човечки жртви. „Јели то истина Агроне?“ – Беше завршното прашање на Елвис.

Не бев навикнат да го замислам езерото како ламја која голта луѓе, но колку и да ми е мил Платон во вид на преубава езерска шир, вистината ме тера да признаам дека и прекрасната езерска вода знае да биде опасна и за жал неретко и кобна по човечки животи. Се натажив дека Охридското Езеро го бијат такви гласини, како езеро кое е жедно за човечки жртви. Никогаш порано не го имав замислено како крвожедно.

Знам дека не постои охриѓанец кој нема лични приказни за блиски средби со опасностите кои демнеат од бистрите езерски води. Со вода и со оган нема играње. Чувајте се од  „Гол Анаси“ ќе слушневме од постарите жени во Сургун, Сазл’к, Воска или Карабего Маало. Гол Анаси по турски значи „Мајката на Езерото“. Многу пати сум ја замислувал како изгледа „Мајката на Езерото“. Сум се нурнувал често како дете по длабоката песок во плажите „Трета Горица“ или „Синдикални“ и со ширум отворени очи сум очекувал да ја видам „Гол Анаси“ која ја замислував со долги распуштени коси и налутена затоа што се осмелувам да грабам од нејзината песок по езерските длабочини. Се сеќавам и на глупавиот детски момент кога со гума на струкот и без родителска дозвола и присмотра, се осмелив да скокнам директно во длабочина иако сеуште не знаев да пливам. Се најдов во невоља. Главата во вода, нозете заплеткани во гумата. Непознат чичко во моја близина, ме фати и ме спаси од „Мајката на Езерото“. До ден денешен внимавам и ги вардам дечињата околу мене на плажа, сеќавајќи се на моите палавости кога бев малечок. Кога имав 16 години учествував во успешно спасување на еден давеник кој претрпел падавица додека пливал. Многу сум горд на тој момент. Прекрасно е чувството кога ќе помогнеш во спасување на нечиј живот.

Овие се моите блиски средби со „Nëna e Gjolit”, Мајката на Езерото, но повеќе сакав да ви зборувам за еден неиспеан охридски херој. Сакав да ви зборувам за Влатче Василев познат како Пурик.

Не се сеќавам на точната дата и година, но бев се` уште млад пилиштар. Пилиштар е детиште во годините кога колената му се сеуште пошироки од неговите ножни мускули и кога главата му е многу поголема од отворот на неговата маица. Се сеќавате ли на моментите кога сте биле ќори за спиење, и кога мајка ви ја дрпаше маицата преку вашата преголема глава? И кога од јакото триење, болката во вашиот нос и уши ќе ви предизвикаа получасовна несоница? Се сетивте ли? Тоа се пилиштарски тегоби на големата глава и тесната маица. Првиот воздух после успешно вадење на маицата е најсладок, како после испливување од езерската длабочина после долго нуркање. Но веќе рековме, не испливуваат сите.

Тоа утро заминав рано околу 7 и пол, за да се сретнам со еден постар братучед во комплексот „Орце Николов“. Застанав до крајбрежното тениско игралиште каде што играа тенис двајца браќа од 8-10 годишна возраст, додека нивниот татко ги подучуваше и ги бодреше. Останав да ги гледам малку подолго во нивната интересна игра и фамиљарен спортски момент. Се вратив дома и подоцна повторно со моите братучеди и другари отидовме на плажа. Во касното пладне се враќав дома и во „Горица Прва„ или „Инекс“, видов една голема гужва на езерскиот брег. Се приближив да видам што се случува, и ги видов накратко истите дечиња кои утрото играа тенис во „Орце Николов“. Лежеа во безсознание на езерската песок пред да ги упатат во колата за брза помош. Се потресов од сликата која ми се мешаше со нивното спретно утринско трчање и удирање по тениското топче. Потресен заминав дома посакувајќи да бидат здрави и живи. Подоцна слушнав повеќе детали за тоа што се случило.

Дечињата паднале од нивниот воздушен душек и беспомошно се давеле. Вештиот спортист и искусен пливач Влатче Василев им се нашол во нивен спас од сигурна смрт. Влатче ги подава двете дечиња на пристигнатиот глисер. Глисерот во што поголема желба што побрзо да им се укаже лекарска помош, го стартува истиот со најголема брзина и во несреќна околност, глисерската перка му ја откинува целосно едната рака на спасителот Влатче. Во големата настаната гужва никој не го приметува Влатчета, кој само со една рака и обилно крварење сепак храбро успева да исплива на брегот. За жал и покрај укажаната помош, херојот на денот, спасителот Влатче Василев починал на патот кон охридската болница. Влатче Василев Пурик успева да ги спаси животите на две дечиња, но за жал при тоа несреќно го губи сопствениот и ги остава без татко, своите две малолетни дечиња. Однапред се извинувам ако мојата верзија на настаните во урбаната легенда не е најпрецизна, но во моето детско сеќавање, Влатче Василев Пурик е врежан како еден митолошки херој, како еден титан, кој еднорако се бори со езерската вода за својот живот пливајќи кон брегот и кон својата млада сопруга и две мали дечиња. Влатче Василев Пурик е херојот на охридските летни плажи. Неговата пожртвованост ми има оставено силни емоции и затоа сакав да ги споделам јавно пред новата туристичка сезона која секогаш носи нови предизвици.

Нас охриѓани не бие глас дека сме малку незгодни, табиетлии, лесно раздразливи, помалку непендек и анегдотално несекојдневни во нашиот однос кон гостите. Безбројни се вицевите и разните анегдоти за охриѓанецот, скопјанецот и другите туристи, некои смешни а некои жалосни но често и многу симпатични туристички анегдоти.

И покрај познатиот охридски табиет, во секој охриѓанец чука храброто срце на Влатче Пурик и грижата за сигурноста на секој човек. И после толку години, иако многу задоцнето, не смееме да ги заборавиме пожртвуваните луѓе како Влатче Пурик. Сигурен сум дека хумани херои како охриѓанецот Влатче Пурик ги има и во Скопје, Битола, Тетово, Струмица, Струга, Гевгелија, Гостивар, Штип, Дебар, Прилеп и во сите останати места ширум Македонија. Почитувањето и вреднувањето на ваквата пожртвуваност и животни приказни на нашите сограѓани се неопходни за зацврстување на конците кои ја ткаат нашата заедничка општествена човечка мрежа и ја прават посилна и по отпорна кон животните потешкотии. Јаката општествена мрежа го прави нашиот поединечен живот посигурен, побогат и поблагороден.

Се надевам дека во блиска иднина, кога некоја охридска учителка ќе го праша некое охридско учениче, на која улица живееш, тој или таа гордо да одговори: Јас учителке живеам на улица „Влатко Василев Пурик“. И кога учителката ќе ги праша сите останати ученици кој е Влатко Василев Пурик, тие едногласно да одговорат:

Влатко Василев Пурик е јунак на охридските плажи.

Агрон Биба

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука