мај 17, 2018

Охрид, 16. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – За овие луѓе велат дека се посебна сорта. А и сигурно има нешто посебно во нивните гени, нешто што ги тера да се вивнат високо во небото, онаму каде се стопиле крилата од Икар, но каде нивното задоволство е најголемо.

За летањето со змејови и параглајдери, за височините и убавините на овој спорт, разговараме со охриѓанецот Владимир Бараковски, пилот на змеј веќе полни 27. години.

Супер радио: Змејарство и летање со параглајдери. Секако возбудливо и интересно искуство. Дали овој спорт е вистинска авантура за најхрабрите или ослободување на сите сетила кога ќе се вивнете во небото?

Бараковски: Секако дека е авантура, но не само за најхрабрите. Слободното летање со параглајдери и змејови денес не е привилегија само за поединци, туку е спорт со кој што може да се занимаваат скоро сите психо физички здрави луѓе. Посебно во параглајдерството, каде што не се бара тешка и долга обука, можете да сретнете пилоти на возраст од 14 до 80 години.

barak2Супер радио: Колку е застапен овој спорт кај нас? Се знае ли бројката на активни и рекреативни параглајдеристи? Организирани ли се во клубови или се е оставено на желбата на поединци кои се вљубеници во овој спорт?

Бараковски: Историјата на слободното летање со флексибилни крила кај нас започнува со змејарството уште од крајот на седумдесеттите години, а параглајдерството е понов спорт и датира од почетокот на деведесеттите години. Параглајдерството поради својата практичност и лесна обука е многу популарно и е помасовно, а змејарството е посложено, обуката е покомплексна и затоа со него се занимаваат релативно малку пилоти. Денес слободното летање е организиран спорт. Обуката и полагањето за пилотски дозволи се организира во околу 10 активни спортски клубови и школи лоцирани во повеќе градови во Македонија, а еден од нив, клубот Крос Кантри се наоѓа во Охрид и е единствен што врши обука за пилоти на змеј. Воздухопловната федерација на Македонија – ВФМ ги обединува сите спортски клубови што се занимаваат со спортско воздухопловство и е член на светската воздухопловна федерација ФАИ. Пилотските дозволи ги издава АЦВ – Агенцијата за цивилно воздухопловство на Македонија.

Супер радио: Крушево полека станува вистинска „Мека“ за овој спорт. Таму имавме и сериозни натпревари од меѓународен карактер. Кои се други места кои се атрактивни за овој спорт? Параглајдерите се честа слика и на нашата Галичица.

Бараковски: Крушево е веќе на мапата на најпосакуваните светски дестинации за летање со параглајдери и змејови. Доказ за тоа се големиот број на меѓународни натпревари што се одржани или ќе се одржат таму. Крушево беше домаќин на две европски првенства во параглајдерство и змејарство. Ова лето во Крушево ќе се организира 20-то Европско првентво  во змејарство, а во 2019 светското првенство во параглајдерство. Галичица е исто така многу привлечна за пилотите на параглајдери и змејови и е најпосетена после Крушево. Поради конфигурацијата и прекрасниот пејзаж оваа планинска убавица над Охридското Езеро нуди фантастично доживување за пилотите и е омилена за рекреативно летање и едрење.

barak3Супер радио: Трагањето по „термиката“ и желбата што подолго да се остане во воздухот се вистински предизвик за змејарите и параглајдеристите. Што е она што се бодува – должината на летот, прелетот од една до друга точка или други параметри? Кој е вашиот личен рекорд и каде го имате остварено?

Бараковски: Најатрактивна дисциплина во слободното летање е крос кантри летањето. Да се лета што повисоко да се прелетаат големи растојанија, тоа е вистинскиот предизвик на секој пилот на змеј или параглајдер. Во натпреварите во летање трките во крос кантри прелетите можат да бидат со должина и до 300 км. Се мери и должината и брзината на прелетот. Светскиот рекорд во прелет со змеј е 761 км, а со параглајдер 564 км. Тоа е како од Охрид да прелетате до Виена со крило без мотор, само со помош на воздушните термички струења и ветерот и тоа за 11 часа. Јас летам рекреативно и мојот личен рекорд е околу 75 км, а највисоко сум дигнал на 3.600 метри надморска висина.

Супер радио: Кажете ни нешто повеќе за себе. Колку време веќе се занимавате со овој спорт, член сте на некој клуб или?

Бараковски: Јас сум пилот на змеј и летам 27 години. Последниве две години паралелно летам и со параглајдер. Припаѓам на генерацијата пилоти во Македонија што најмногу придонесе за популаризација на овој спорт кај нас. Генерација што ја промовира Македонија, Крушево и Охрид како топ дестинација на светско ниво, а воедно и го организира спортот на едно високо европско ниво. Еден сум од оснивачите на клубот „Крос Кантри“ од Охрид кој што беше организатор на 19. европско првенство во змејарство во Крушево 2016 година и повторно ќе биде организатор ова лето во јули на 20. европско првенство во змејарство. Моментално јас сум и претседател на ВФМ.

barak4Супер радио: Дали може секој да проба да лета со змеј или параглајдер, секако во тандем летало. Дали е потребна некоја посебна психо-физичка подготовка или желбата кај кандидатот е доволна за да се проба и ова адреналинско искуство?

Бараковски: Охрид е број 1 кај нас за летање со тандем параглајдери. Секојдневно, секое лето од Галичица и Петрино се прават десетици летови за туристи. Секој може да си дозволи лет со тандем параглајдер. Има некои ограничувања, како што се прекумерна тежина или некој други психо-физички недостатоци, но генерално, овој тип на авантура е достапен за секого, независно од возраст или пол.

Супер радио: Покрај задоволството кое го предизвикува, очигледно е дека станува збор и за релативно скап спорт. За идните зависници од синото небо, колку чини еден солиден змеј или параглајдер на пазарот?

Бараковски: Летањето е страст, желба и љубов што започнува уште од најрана младост. Тоа не е само спорт, туку е начин на живот. Не сум сретнал вистински вљубеник во летањето што почнал и се откажал. А кога нешто толку многу ти значи, не штедиш и вложуваш во него. Така да за мене самото летање е бесценето, а опремата (крило, вез, резервен падобран и др.) има цена и може да се движи од 3.000 до 10.000 евра.

Супер радио: Сметате ли дека Охрид како туристички град треба да направи повеќе за развој и на овој спорт, особено што во последно време се се` попопуларни високо адреналинските спортови. Може ли овој спорт да биде солидно надополнување на туристичката понуда?

Бараковски: За да направи повеќе тоа подразбира дека Охрид претходно направил нешто. Бидејќи до сега не направил ништо, за да го промовира овој спорт и вид на алтернативен туризам треба да започне со негова промоција и да изработи стратегија како да го вклучи во туристичката понуда. Секако дека има потенцијал и услови. Летањето со параглајдери и змејови не бара скапи инвестиции и скапа инфраструктура. Охрид за почеток треба да регистрира и опреми официјални места на Петрино и Галичица за полетување и места за слетување во регионотна Св. Наум и во потегот од мостот Биљанини извори до Горица. Охрид до сега нема инвестирано ни денар во развојот на оваа алтернативна туристичка понуда, ниту пак Националниот парк „Галичица“ има инвестирано во опремување на полетно – слетни места за пилотите, ама затоа за спортување на територијата на Националниот парк наплаќа највисоки тарифи за влезници на параглајдеристите.

Супер радио: Каде ќе можат да ве најдат оваа сезона сите кои се заинтересирани за овој спорт и како можат да стапат во контакт со Вас?

Бараковски: Новости и информации има на официјалната веб страна на ВФМ, а може да ме контактираат и на следниот мејл: vladimir.barakovski@vfm.org.mk. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука