мај 24, 2018

Басра, 24. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Кралскиот кревет во јахтата на Садам Хусеин е подготвен, свилените завеси околу него се наместени, а берберскиот стол чека во со злато украсената бања.

Меѓутоа, ирачкиот диктатор никогаш не се качил на јахтата „Басра бриз“ долга 82 метри изградена за него во 1981 година, а во нејзината удобност сега ќе уживаат капетаните кои ги водат пратките во и од пристаништето во Басра, најголемиот јужен град, пренесе Ројтерс.

Како и во случајот со сите скапоцености што Садам ги остави зад себе, симнат од власт во 2003 година за време на инвазијата на САД во Ирак и обесен по три години за злосторствата против човештвото, владите кои го наследиле се обидуваат да ја искористат јахтата во практични цели.

jahta sadam husein

Откако е вратена во Ирак во 2010 година после судскиот спор и триесетгодишната одисеја во странство, јахтата е воглавно закотвена во Басра.

Таа има претседателски апартман кој се состои од приватните простории на Садам, трпезарии и спални соби, како и 17 помали гостински соби, 18 кабини за екипаж и клиника. Луксузно опремениот и декориран брод бил ставен на продажба за 30 милиони долари.

jahta sadam husein 2

Меѓутоа владата не успеала да најде купец, и последните две години Басра бриз бил на располагање на Универзитетот во Басра, чии истражувачи го користеле за патувања за прочување на морскиот живот.

Властите одлучиле сега да го усидрат на подолг период за да служи како хотел и рекреација за пристанишните капетани, од кои многумина живеат во далечни градови.

„На пристаништето му е потребен овој брод како поморска станица на капетаните“, рече портпаролот на пристаништето Анмар ал Сафи. (Крај)

извор: МКД фото: Reuters

 

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука