мај 27, 2018

Охрид, 27. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Празникот Духовден се смета за роденден на Христовата црква.

Духовден е христијански празник посветен на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите и формирањето на Црквата. На овој ден се исполнило Христовото ветување за доаѓањето на Светиот Дух (Духот на Вистината, Утешителот, Силата одозгора, ветувањето на Таткото) што Христос им го даде заповедувајќи им на апостолите да не се одалечуваат од Ерусалим додека тоа не се случи.

Имено, пред вознесението Христос им порача на апостолите да останат во Ерусалим и да го чекаат слегувањето на Духот-Утешител. На 10-тиот ден од Христовото вознесение, на еврејскиот празник Педесетница, Светиот Дух слезе врз апостолите во вид на пламени јазици, а овие се исполнија со сила и добија дар да зборуваат на разни јазици.

За црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време па се’ до денес не ја напушта црквата. Духот е критериум за се’ што се случува во црквата и на општ и на личен план. Во таа смисла, Духот од оној ден во Ерусалим непрестано слегува врз црквата на Литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен.

По повод празникот денеска во црквата „Св.Троица“ во населбата Црногорци од 09:00 часот ќе се служи света архиерејска литургија, по што ќе следува и народен собир. (Крај)

извор: ОхридПрес/МПЦ   фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука