мај 31, 2018

Варшава, 31. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Рекордно високите температури оваа пролет придонесоа за летна атмосфера во обично свежите предели на северна Европа, дури и во Лапонија и тоа неколку недели пред почетокот на летото.

Германија, Полска и Нордискиот Регион бележат невообичаено топол мај, на некои места најтопол во последните неколку децении, а невообичаено топло е и во балтичките земји.

Полската телевизија објави дека овој мај бил најтопол во последните 129 години, а, пак, претходниот месец бил трет најтопол април откако се вршат мерења на температурата на воздухот во оваа земја. Деновиве температурата во полската престолнина Варшава достигна до 30 степени Целзиусови.

Земјоделците во североисточниот дел на Германија се жалат на штетите предизвикани од сувото време. Во Берлин, температурата вчера достигна 32 степени Целзиусови.

Во нордискиот дел на Европа – Данска, Финска, Норвешка, Шведска биле регистрирани многу топли денови без дожд во текот на цел мај. Во повеќе делови на Шведска овој мај е најтоплиот во последните неколку децении, а неодамна во крајбрежниот град Худиксвал биле измерени 30 степени.

Во Данска и Норвешка температурите дури и надминаа 30 степени. Во Норвешка метеоролозите соопштија дека овој први мај бил најтопол во последните 71 година во југоисточниот дел на земјата и предупредија дека прекумерната топлина без дожд на повидок може да предизвика проблеми за животните и природната средина и да поттикне шумски пожари.

Финскиот метеоролошки институт објави дека топлотниот бран стигнал сè до Лапонија, најсеверниот регион во Европа, кој вклучува делови од Финска, Шведска и Норвешка. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука