јуни 5, 2018

Охрид, 05. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во периодот од 17-ти до 23-ти јуни, ОУ „Григор Прличев“ од Охрид ќе биде домаќин на германски детски летен камп чија цел е учениците од шесто до деветто оделение од училиштата партнери на PASCH мрежата на Гете-Институтот, преку креативен начин вистински да го заскааат гермскиот јазик.

– Освен што имаме едукативна цел, целта е и да градиме соработка и мостови помеѓу три различни култури, помеѓу македонската албанската и германската, вели за емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио наставничката по германски јазик Ивана Маховска Шикалеска.

Супер радио: Општ впечаток е дека во Охрид се` повеќе се зголемува интересот за изучување на германскиот јазик.

Маховска Шикалеска: Задоволство ми е да кажам дека работам и делувам во Охрид, град кој што ја препознава потребата од изучување на германскиот јазик, особено затоа што Охрид постојано негува плодна сорботка со Сојузна Република Германија и е збратимен со германски градови. Имено според некоја статистика се смета дека германскиот јазик е втор странски јазик, а како мајчин јазик зборуван е од околу 90-95 милиони говорители. Несомнено е дека е прв најзборуван јазик во Европската Унија, како еден од трите службени јазици и со оглед на нашите ЕУ аспирации природно е што се зголемува интересот за неговото изучување.

Супер радио: За германистите втори јуни е значаен датум, како светски Ден на германскиот јазик. Како го одбележавте?

Маховска Шикалеска: Да, на втори јуни го одбележавме Денот на гермаскиот јазик, меѓутоа годинава одбележавме и еден друг значен момент, а тоа е десет годишнината од постоењето на PASCH Глобалната мрежа на партнерски училишта на Гете-Институт. Одбрани ученици од нашето училиште ОУ „Григор Прличев“ и од уште две училишта од Скопје кои исто така се партнер училишта на Гете-Институт, во Скопје имаа свои изведби, каде преовладуваше многу позитивна атмосфера. На самиот настан на учениците и на сите кои практично се занимаваат со германскиот јазик им се обрати и амасадорот на Сојузна Република Германија. Потребата од изучување на германскиот јазик кај нас е особено значајна, а Гете-Институт со овие партнерски програми тоа го поддржува во нашата земја.

Супер радио: Вие сте наставник по германски јазик во ОУ „Григор Прличев“, единственото Основно училиште во Охрид каде постојат т.н. германски паралелки. Во што се разликуваат тие од обичните паралелки?

Маховска Шикалеска: Нашето е едно од вкупно три вакви училишта во Република Македонија, другите две се во Скопје. Трите училишта се партнери на Гете-Институт. Во т.н. германски паралелки, германскиот јазик се изучува уште од прво одделение како втор странски јазик, паралелно со англискиот. Во прво и второ одделение учениците имаат еден час по германски јазик, а понатаму фондот на часови се зголемува. Тоа се посебни паралелки бидејќи на дечињата уште од самиот старт во училиште им се отвора видикот за спознавање на германскиот јазик и култура со што од најмала возраст би можеле да направат паралела со нашата култура.

ivanamahovskacorner2Супер радио: Се наближуваат уписите за новата учебна година. На кој начин идните првооделенци можат да станат дел од овие германски паралелки во ОУ „Григор Прличев“?

Маховска Шикалеска: Во нашето училиште при уписите секој родител има можност да се запознае со програмата која ја нуди Гете-Институт за изучување на германскиот јазик од прво одделение. Родителите се тие кои треба при уписите на прводеленците да потпишат согласност дека сакаат нивното дете да биде дел од германските паралелки. Изучувањето на германскиот јазик трае од прво до деветто одделение. Да напоменам децата не го учат јазикот по онаа програма по која стандардно се изучува германскиот јазик, туку учат по посебна програма изработена од Гете-Институт.

Супер радио: ОУ „Григор Прличев“ е домаќин на еден интересен детски летен камп кој наскоро ќе се случи во Охрид. Во чија организација е и во кој период ќе се одржи?

Маховска Шикалеска: Кампот го организира Гете-Институт во рамките на PASH глобалната мрежа. Ќе се одржи од 17-ти до 23-ти јуни во ОУ „Григор Прличев“. Кампот е наменет за учениците од трите македонските партнерски училишта на PASH мрежата, покрај од нашето училиште ќе има ученици од двете скопски училишта партнери во PASH мрежата, но ќе има и ученици и од партнерските училишта од Албанија и Косово. Кампот е бесплатен, а за учество во кампот потребно е познавање на германскиот јазик на ниво А1 до А2, затоа ќе учествуваат само учениците од шесто до девето одделение.

Супер радио: Какви активности ќе имаат учениците во рамките на овој камп?

Маховска Шикалеска: Освен тоа што активно ќе се занимаваат со изучување на германскиот јазик, ќе бидат присутни и референти од Германија кои заедно со децата ќе прават музика, ќе продуцираат музика, потоа ќе креираат видео спотови за музиката, а за крај е предвидена и една завршна претстава.

Супер радио: Пред крај, каква цел има реализацијата на овој летен детски камп и по кој пат се случува во Охрид?

Маховска Шикалеска: Со овој летен камп сакаме преку еден креативен начин децата од најмала возраст вистински да го заскааат германскиот јазик и освен што имаме едукативна цел, основната цел е да градиме соработка и мостови помеѓу три различни култури, помеѓу македонската албанската и германската. Инаку ќе се одржи по втор пат, прв пат се случи пред три години, кога имавме соученици од Турција.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Bistro Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука