јуни 7, 2018

Мадрид, 7. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Шпанскиот социјалист Педро Санчез, кој дојде на власт по падот на конзервативците на Маријано Рахој, ја претстави новата, проевропска влада, во која жените се мнозинство.

Со единаесет жени и шест мажи, оваа шпанска влада има најмногу жени досега.

Таа воедно е и влада со најмала поддршка во парламентот од повторното воспоставување на демократијата. Социјалистичката партија има само 84 од 350 пратенички места па ќе зависи од маневарскиот простор кој ќе ѝ го остават радикално левата партија Подемос, баскиските националисти и каталонските сепаратисти кои гласаа за недоверба на Рахој.

Во екот на подготовките на Британија за излез од ЕУ и додека Италија добива евроскептична влада, шпанската влада е изразено проевропски настроена.

46-годишниот Санчез, без искуство на власт, го именуваше поранешниот претседател на Европскиот парламент, Каталонецот Хосеп Борело за министер за надворешни работи, а директорката за буџет на Европската комисија Надја Калвино за министерка за економија. Првиот шпански астронаут Педро Дуке ќе биде министер за наука.

Кармен Калво, министерката за култура од 2004 до 2007 година, ќе биде потпретседателка на владата и министерка за рамноправност на половите.

Поранешната државна обвинителка за тероризам Долорес Делгадо го презема министерството за правосудство, а поранешната судијка на шпанскиот Врховен суд Маргарира Роблес министерството за одбрана. Во стопансскиот тим на Санчез, покрај Калвино, влегува е Марија Хесус Монтеро, која ќе биде задолжена за финансиите. (Крај)

извор: МКД фото: архива

 

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука