јули 2, 2019

Охрид, 2. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Модното атеље Коцарева неодамна го промовираше видеото за новата кампања, преку која младата охридска модна дизајнерка Моника Коцарева, сака да ја потенцира елеганцијата, впечатливоста и драматичноста на жената во самата креацијата.

Пораката е дека ставот и енергијата на жената се едни од најважните детали кои една креација ја прават моќна и впечатлива.

– Не зборувам за стил, туку став, кој може да го погледнеме во својата рефлексија кога носиме некоја креација, рече Коцарева која беше денешен гостин во емисијата Радио Корнер на Супер радио. За трендовите, за тоа како да се направи добар избор за некоја свечена пригода, за тоа колку охриѓанки ги следат трендовите и уште многу други теми, прочитајте повеќе во интевјуто за Супер радио и OhridPress.

Супер радио: Изработивте прекрасна видео кампања. Каква идеја и цел стојат зад видео кампањата која ја презентиравте неодамна?

Коцарева: Со оваа видео кампања сакавме да ја потенцираме елеганцијата, впечатливоста и драматичноста на жената во самата креацијата. Во атељето „Коцарева“ внесуваме многу љубов во секоја креација и сакавме преку оваа видео кампања тоа и да го изразиме. Според мене, енегијата на жената е најмоќниот дел на креацијата. Тоа не е стил, туку став, кој може да го погледнеме во својата рефлексија кога носиме креација.

Супер радио: Колку колекции досега имате направено и колку се луѓе Ви помагаат за креациите да „оживеат“?

Коцарева: До сега имаме изработено пет главни колекции, но како атеље располагаме и со секундарни, споредни колекции и до сега ги имаме околу 30-тина. Во атељето, во процесот од производство да продажба сме вкупно пет вработени.

Супер радио: Што е „ин“ во модата оваа летна сезона?

Коцарева: Сега на голема врата назад е хипимодернизмот, кој мене лично многу ми се допаѓа. Сезоната е специфична по еднобојните креации, што подразбира и горен и долен дел во иста боја. Летово покрај пастелните, многу трендовски се и флуросцентните неон бои.

Image may contain: 2 people, people smiling

Супер радио: Ги претставувате своите креации на Модниот викенд во Скопје, верувам ги следите модните настани и во регионот. Каков е Вашиот впечаток за македонскта модна дизајнерска сцена, држи ли чекор во најмала рака со регионот?

Коцарева: Јас сум позитивно изненадена од можноста македонските дизајнери кај нас да го достигнат врвот. Таквите дизајнери се бројат на прсти, но ги има и среќна сум што имаме тло за уште поголем напредок во иднина.

Супер радио: Mагистер сте по архитектура и дизајн, но модниот дизајн за кој дополнително се дообразувавте е она што вистински го сакате да го работите. И двете струки се блиски и сродни, но како се случи тоа да не го изберете модниот дизајн и за свое образование?

Коцарева: Јас уште од мала го сакам модниот дизајн и верував дека тоа ќе го студирам, но тогаш во Скопје се затвори Академија Италијана, каде што планирав да студирам моден дизајн и во тој момент барав нешто сродно, поврзано со дизајнот, па се одлучив за архитектурата. Среќна сум што на крај сепак го живеам својот сон, работам со модата.

Супер радио: Зошто кога во 2016-тата го основаше своето модно атеље „Коцарева“, се одлучи тоа да биде во Охрид, а не во Скопје, како главен град, град со поголеми перспективи и можности?

Коцарева: Охрид е мојот роден град, тука се чувствувам своја на своето. По секоја цена сакав да живеам и работам во Охрид. Стационирана сум во тука, но работам и во Скопје, сега и таму имам отвоерно свое атеље.

Супер радио: На вашата веб страна www.kocareva.com.mk во филозофијата на Вашиот бизнис, стои дека ателјето го отворивте со една единствена цел – подигнување на свеста кај граѓаните за тоа колку еден изглед може да каже за самата личност и нејзиниот карактер. Колку се охриѓанки свесни околу сето ова?

Коцарева: Многу ме радува што охриѓанки се се посевесни околу тоа колку изгледот зборува за една личноста и карактерот. Можeби тоа е под влијание на социјалните мрежи, каде сите сакаме да се претставиме во најубаво светло, но која и да е причината, ме радува фактот што кај охриѓанки се’ повеќе расте „апетитот“ за мода.

Image may contain: 2 people, people smiling, people standing

Супер радио: Не само охриѓанки, креации со Ваш потпис носат и многу познати личности од македонската естрада?

Коцарева: Викторија Лоба ни е заштитно лице, имаме креирано за неа, потоа за Тамара Тодеска, Александра Јанева, Лина Пејовска, Антонија Гиговска, Елена Велевска и други.

Супер радио: Пред крај, можете ли да дадете совет за дамите, од што да се водат кога прават избор на фустан за некој свечен момент?

Коцарева: Секоја жена треба да е свесна за сопствениот изглед и првото нешто од кое треба да се водат во изборот на креација за свечен момент е својата фигура. Според линијата на телото треба да се одбере соодветниот крој, кој ќе ги прекрие недостатоците, а ќе ги истакне убавите нешта. Подоцна тој крој ќе се надополни со соодветен вид метријали, а може да се вметнат и детали од моменталите трендови. Да не ги изоставам и боите, секој период си има свои трендовски бои, на пример оваа сеозна како што спомнав „ин“ се пастелните и неон боите.

Image result for Sky Corner Ohrid

Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука