јануари 26, 2015

Скопје, 26. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – По повод Меѓународниот ден на сеќавањето на холокаустот и 70 години од ослободувањето на логорот Аушвиц, Институтот за национална историја, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Дипломатскиот клуб – Скопје, утре ќе организираат Меѓународна научна конференција.

Конференцијата ќе биде со наслов „Дипломатијата и депортацијата на Евреите од Македонија во 1943 година“.

Конференцијата ќе ја отвори министерот за надворешни работи, Никола Попоски, а за значењето на Конференцијата ќе говори претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, д-р Владо Камбовски.

Конференцијата има за цел да ги идентификува и да ги истражи односите меѓу државите и состојбите кои влијаеја на депортацијата на Евреите од Македонија и од другите земји. Со свои реферати ќе учествуваат домашни и странски истражувачи и експерти на овој период од историјата.

Конференцијата е поддржана и од Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот од Берлин, во чии активности учествува и Република Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Оливер Ташев

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука