август 7, 2019

Скопје, 7. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Новото најавено зголемување на дневните температури, кое според метеоролозите во одредени региони ќе надмине 40 степени, ги зголемува ризиците од појава на труење со храна, но е потенцијална опасност и за здравјето на животните доколку за нив навреме не се преземат мерки: обезбедување доволни количини безбедна храна и вода за пиење, предупредува Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

– За да се спречи труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор при нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување. Да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување, да се купува од проверени места каде има услови и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди. Да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што е месото, млекото јајцата и друго да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Да се одбегнува купување на и разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач, наведува АХВ.

Препорачува и разладената храна да се чува на температура пониска од пет степени, а храната која треба да се зготви, термички да се обработи на повеќе од 60 степени.

Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. По подготовката, изладена, храната да се чува во фрижидер. На најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Храната да се заштити од инсекти, глодари и од домашните миленичиња и другите животни кои може да дојдат во контакт со неа.

-Ако се јаде во угостителските објекти, водете сметка тоа да се оператори со храна кои се грижат за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично. Доколку сметате дека храната не е безбедна, не ризикувајте, фрлете ја, укажува Агенцијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука