август 30, 2019

Охрид, 30. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Новиот тријазичен речник на македонски, англиски и германски јазик, кој беше промовиран денес, претставува наставно помагало кој ќе им помогне на учениците во основно образование полесно да ги изучуваат јазиците.

На него подолг период работеа професорките по германски и англиски јазик, Маја Цветкоска и Елизабета Настоска, а помош околу техничкиот дел добија од професорот по информатика Горан Матески.

Речникот е наменет за основците, бидејќи е застапен лексичкиот фонд кој се работи од петто до деветто одделение.

Најпрво овој проект беше изработен со учениците и го издадовме за наши сопствени потреби, а кога видовме дека им користи на нашите ученици одлучивме да побараме поддршка од издавачките куќи за истиот да стигне до сите ученици. Станува збор за наставно помагало, а не класичен речник како што се очекува, рече професорката Цветкоска.

– Како долгогодишни просветни работници сфативме дека имаме потреба од заеднички продукт кој ќе ни користи, а секако ќе биде наменет за учениците, кои често на часовите имаат мала конфузија меѓу англискиот и германскиот јазик, практично велиме ги мешаат двата јазика. Оттаму произлезе нашиот проект. Да не беа нашите ученици немаше да дојде до овој продукт, благодарност до нив и колегите и секако до издавачката куќа „Просветно дело“. Секој од нас како наставник доколку си ја сака професијата во соработка со учениците и колегите може да помогне, да придонесе за полесно изучување на предметите, наставата воопшто, вели Цветкоска.

– Речникот го работевме долго време, што не прави уште погорди, конечно ја здогледа светлината на денот она на што вредно работевме заедно со учениците и со поддршка од колегите. Се надеваме дека ќе биде од голема помош при учењето и на двата јазици, а ќе биде и дополнителен мотив за нас да изработиме некој друг труд, можеби поопширна верзија на овој речник, истакна професорката Настоска.

Тријазичниот речник на македонски, англиски и германски јазик веќе е пуштен во продажба во книжарниците на „Просветно дело“ по цена од 250 денари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука