октомври 24, 2019

Охрид, 22. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охрид има една млада, но веќе успешна тенисерка, а тоа што има само 12 години не ја спречува да сонува за големите тениски терени. Нејзиното име е Ана Стојановска и до сега одлично и оди реализацијата на нејзиниот амбициозен животен сон, во што и помагаат тренерот Миливој Крстески, но и нејзината постара сестра Тања Стојановска, која е тренер во ТК „Охрид“.

По освојувањето на Државното првенство за јуниорки до 12 години и претходните Отворени првенства до 12 години без изгубен сет, 12 годишната Стојановска триумфираше и ја потврди добрата форма и во конкуренција на две години постари тенисери, на Отвореното првеснство за јуниорки до 14 години. Ана е седмооделенка во ОУ „Христо Узунов“, а кога тенисот е во прашање, мечтае нејзиното име еден ден да се најде во професионалниот тенис.

– Кога ќе пораснам сакам да сум професионален играч, да се натпреварувам на професионални турнири, какви што се Мастерс и Грен Слем, вели Ана, која заедно со сестра и’ Тања, беа денешни гости во емисијата Радио Корнер на Супер радио. Прочитајте повеќе за нејзините амбиции во интевјуто за Супер радио и OhridPress.

Супер радио: Како го засака, кога за прв пат се сретна со тенискиот рекет?

Ана: Бев многу мала, имав само четири години кога ги гледав како моите постари брат и сестра како тренираат тенис, па посакав и јас тоа да го правам.

Супер радио: Млада си, но веќе и многу успешна во тенисот. Како ти успева да ја одржуваш добрата форма и да победуваш на турнирите?

Ана: Формата ја одржувам со тоа што тренирам секој ден, а и таква сум по карактер, сакам да победам на секој меч и да го освојам турнирот.

Супер радио: Тоа што имаш само 12 години не те спречува да имаш големи соништа. Кој е твојот животен сон, кога е тенисот во прашање?

Ана: Кога ќе пораснам сакам да сум професионален играч, да се натпреварувам на професионални турнири, какви што се Мастерс и Грен Слем.

Супер радио: Колку часа дневно тренираш, и кој ги води твоите тренинзи?

Ана: Секој ден тренирам по два часа. Мој тренер е Миливој Крстески, но со мене работи и мојата постара сестра Тања, која е исто така тренер во тенискиот клуб „Охрид“.

Супер радио: Што се случува во зима, кога е невозможно да се тренира на отворено?

Ана: Кога е надвор е ладно, тренирам во спортската сала во Основното училиште во Велгошти. Условите се пристојни, но сепак тоа не е тениски терен. Јас искрено би сакала во Охрид да имаме малку подобри услови, односно би сакала да имаме и затворена тениска сала.

Супер радио: Се подготвуваш ли за некој следен натпревар?

Ана: Викендов има Мастерс турнир, каде се натпреваруваат најдобрите, првите 8 во државава, а се надевам дека ќе го освојам и него.

Супер радио: Веројатно Вашиот успех бил огромен поттик за Ана страсно да се насочи кон тенисот. Во моментов сте тренер на ТК „Охрид“, но додека студиравте во САД, ја освоивте тамошната тениска студентска конференција. Раскажете ни малку повеќе за ова Ваше тениското искуство за време на Вашите студии по психологија во САД? Сметате ли дека тоа беше поттик за тогаш 9 годишната Ана да го засака тенисот?

Тања: Не би сакала да си ја препишам целата одговорност за тоа, но верувам дека јас и брат ми и помогнавме Ана да заплива во тенските води, да го свати тенисот посериозно и попрофесионално, да продолжи да се натпреварува на турнири, а сега и веќе да ги освојува. Да објаснам за американското искуство, станува збор за универзитетска тениска лига, поделена на дивизии, а потоа на конференции. Јас и тимот од мојот универзитет „Бафало“ од Њуjорк ја освоивме конференцијата, а потоа се натпреварувавме на државно ниво. Инаку, уште во првата година на студиите бев прогласена за „руки на годината“, односно најдобра на натпреварувањата.

Супер радио: Вашите успеси не се само на американско тло, туку и тука на натпреварувањата кај нас имате постигнато одлични успеси. Вероајтно фазите кои Ана сега ги поминува, Вие ги имате одамна поминато?

Тања: Јас ги имам освоено првите места на Државните првенства до 14, до 16 и до 18 години, што значи дека Ана е веќе подобра од мене.

Супер радио: Моментално сте тренер на ТК „Охрид“. Колку членови има клубот и кои се најголемите успеси на клубот до сега?

Тања: Клубот брои 30-тина деца, но и останати возрасни, рекреативни членови кои се љубители на тенисот. Меѓу најголемите успеси на клубот се вбројува тоа што сме имале неколку државни прваци во Македонија, но сме имале успеси и во странство, на интернационалните турнири. За мал град и за мал тенсиски клуб, мислам дека клубот до сега има покажано доста големи успеси.

Супер радио: Тенисот како спорт нуди многу бенефити за психо-физичкиот развој. Која е најдобрата возраст едно дете да отпочне со тренинзи?

Тања: Зависи од самото дете, затоа што растот и развојот се индивидуални, но најдобро би било со тренинзи да се отпочне на од 5-6 годишна возраст. Се’ е до подготевеноста и желбата на децата, на пример сестра ми Ана започна да тренира на свои 4 години.

Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука