ноември 1, 2019

Охрид, 1. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Три децении заедно, цврста и обединета во спортските височини, уште поединствена за време на падовите, охридската навивачка група „Рибари“ наскоро одбележува 30 години постоење. Подготовките околу јубилејната прослава „Рибарите“ ги започнаа пред неколку месеци, а самиот настан е најавен како спортски спектакал во годината.

– Следниот викенд Охрид ќе „гори“ и од факели и од навивачки песни. Големот спектакл ќе се случи на 9-ти и 10-ти ноември, а ќе му претходи автомобилски караван, кој ќе се случи во недела, 3-ти ноември. На 9-ти ноември ќе приредиме големо пиротехничко шоу на градскиот кеј, а главниот собир е на 10-ти ноември во 15:00 часот на плоштадот кај стариот Чинар, од каде во кортео ќе се упатиме кон спортската сала „Билјанини извори“, каде од 18:00 часот силите во ракометното дерби од Супер лигата ќе ги одмерат Охрид и Тинекс Пролет, рече Мартин Казанџиски, кој заедно со Јаков Новески, како претставници на „Рибарите“ беа денешни гости во емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио.

Image may contain: 1 person, sitting and indoor

Супер радио: До каде се подготовките околу големиот спортски спектакал за одбележување на 30 годишнината од постоењето на навивачката група „Рибари“?

Казанџиски: Програмата околу тоа што ќе се случува за време на јубилејниот спортски спектакал е веќе направена. На неа работиме уште од септември, кога заедно со нашите пријатели од бендот „Броз“ по тој повод, направивме и голема забава во кафе бар „Шила“. Изготвивме и веќе се споделуваат на социјалните мрежи и промотивни материјали за настаните.

Супер радио: Каква е програмата и што поточно предвидува?

Казанџиски: Следниот викенд Охрид ќе „гори“ и од факели и од навивачки песни. Големот спектакл ќе се случи на 9-ти и 10-ти ноември. Нему ќе му претходи автомобилски караван, кој ќе се случи во недела, 3-ти ноември. На 9-ти ноември ќе приредиме големо пиротехничко шоу на градскиот кеј, а главниот собир е на 10-ти ноември во 15:00 часот на плоштадот кај стариот Чинар, од каде навивачите во кортео ќе се упатат кон спортската сала „Билјанини извори“ каде од 18:00 часот силите во ракометното дерби од Супер лигата ќе ги одмерат Охрид и Тинекс Пролет.

Супер радио: Покрај тоа што со противничките навивачки групи на спортските терени сте ривали, веројатно сте и пријатели. Ќе Ви се приклучат во прославата гости и навивачи од другите градови?

Казанџиски: Како навивачи сме стекнале многу пријатели, кои верувам дека без разлика на која навивачка група припаѓаат, ќе ни се придружат на јубилејната прослава. Посебно драги гости ќе ни бидат навивачите од пријателска навивачка група од Словенија, со кои градиме прекрасни пријателски односи.

Image may contain: 1 person, sitting

Супер радио: Кога и како се случи Вие да се приклучите кон навивачката група „Рибари“?

Казанџиски: Беше 2007-ма или 2008-та година, кога како дете со другарите, ги следевме кошаркарските натпревари на „Амак СП“, чувствував дека ме понесува таа спортска, навивачка атмосфера, ни беше многу интересно. Така пред повеќе од 10 години започна мојата приказна со „Рибарите“.

Супер радио: Кога и кој ја формираше навиачката група „Рибари“?

Новески: Навивачката група „Рибари“ е формирана во 1987-ма година, под името BOA (Blue Ohrid Army), од страна на група средношколци од економското училиште. Под денешното име „Рибари“ функционира од 1989-та година и еве веќе 30 години го бодриме секој клуб од нашиот град.

Супер радио: Колку навивачи денес брои навиачката група и на која возраст се најмладиот и најстариот навивач?

Новески: Не може да се каже точна бројка на навивачи, бидејќи секој еден кој го сака клубот и градот за нас е „Рибар“. Најмладите навивачи се новите генерации од почетокот на 2000-та година, имаме и повозрасни страствени навивачи, но не би можел да кажам точно на која возраст е најстариот навивач на „Рибарите“. Мислам дека во овој момент навиачката група „Рибари“ е во најдобро светло досега. Побројни сме од било кога, ангажирани сме, правиме кореографии и факлијади итн. Дерби натпреварите во Охрид се најпосетените натпревари во цела Македонија, а тоа зборува и за самата навивачка атмосфера.

Image may contain: 2 people, people sitting

Супер радио: Три децении заедно, цврсти и обединети во спортските височини, уште поединствени за време на падовите, Вие сте ветер во грб за охридските спортисти, она без што ниеден спортски настан не може да се замисли. Што е она што Ве држи цврсти, без разлика на спортскиот исход?

Новески: Дружбата меѓу нас „Рибарите“ постои не само пред, за време или после натпреварите, туку и надвор од спортските терени. Мислам дека таа дружба и пријателска енергија, ни дава сила да бидеме цврсти, не само кога нашиот тим победува, но и кога губи. Љубовта кон клубот и градот ни е заедничка и најважна ни е дружбата и тоа да си поминеме супер на секој натпревар.

Супер радио: Како навивачка група, какви планови и амбиции имате за годините пред нас?

Новески: Наша амбиција е постојано да растеме како навивачка група и што повеќе да ја внесеме ултрас културата кај најмладите, односно сите оние што сакаат да станат навивачи, да научат што значи ултрас движењето, односно тоа дека ние цел живот сме навиачи, а не само оние 90 минути за време на натпреварот.

Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука