ноември 11, 2019

Охрид, 11. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Речиси две децении во Охрид постои книговезницата и работилница за изработка на рачни изработки од кожа и рачна резба на кожа „Книговез“. Драган е втора генерација книговезци во семејството Георгиевски.

По потекло е од Битола, а во Охрид успешно ја продолжува работата на неговиот татко. „Книговез”, фирмата на татко му е една од најстарите приватни книговезници и печатници во Македонија. Отворена е во 1979 година кога визит картите, книгите, поканите и сите други хартиени текстуални печатени материјали се изработувале со составување буква по буква. Од 2001 година работи продавницата „Книговез“ во Охрид, која се наоѓа наспроти охридската противпожарна единица, каде може да се најдат кожни чанти, приврзоци, обетки, паричници… Покрај како место каде ги изработува, тука ги продава готовите производи, а организира и работилници за сите заинтересирани кои сакат да навлезат во тајните на рачната резба и изработка на кожни предмети.

За почетоците, интересот за купување на рачните изработки, но и за изучување на процесот на нивна изработка поразговаравме со Драган Георгиевски.

Супер радио: Вие сте еден од ретките кој прави рачни изработки од кожа и хартија. На самиот почеток ќе ни кажете како започна приказната, колку време работите, од кого го наследивте талентот?

Георгиевски: Нашата приказна почнува пред точно 40 годнини, годинава славиме јубилеј од првото отворање на „Книговез“. Започнавме во 1979 година во Битола во близина на Безистенот, со оглед на тоа што татко ми е графички инженер, одлучи да отвори своја работилница во која работеше и мајка ми. Сé до 1985 година живеевме во Битола, по што таму се затвори работолницата. Татко ми имаше понуда за работа во Охрид па така се преселивме цело семејство во Охрид. Тогаш јас имав седум години, основно почнав во Битола, а овде го продолжив школувањето. Веќе тука се наметна идејата и јас да почнам ова да го работам. Се одлучивме во 2001 година да отвориме повторно работилница и до ден денес работиме континуирано. Моите родители веќе одамна се во пензија, во работилницата работам сам, а ми помага и мојата сопруга. Најчесто користиме говедска кожа, како најсоодветна за нашите производи, но за некои книги користиме и јарешка кожа.

https://www.youtube.com/watch?v=KtYL-oz7pJo&feature=youtu.be&fbclid=IwAR0xZNd96pQvSS5zUTORmRwLxsJJ2yAyZxNC8BkqVRpOHb47d_XG2jaW08I

Супер радио: Охрид е туристички град. Колку туристите Ве посетуваат, колку ги бараат вашите изработки и што најмногу? Дали можеби имате и нарачки преку интернет?

Георгиевски: Нашата фирма има веб страна од 2006 година, што не беше карактеристика за голем број на компании. Нашата промоција започна уште тогаш. Потоа отворивме и веб продавница пред три години, но бидејќи немаше доволен интерес моравме да ја затвориме, па сега не е активна. Инаку, купувањето преку интернет, т.е. нарачките е преку пораки на е-маил или на социјалните мрежи, но тоа не е толку често, зборувам за надвор, додека за нашиот пазар тоа е поприлично застапено. За нашите потенцијални купувачи инсистирам да дојдат овде и да си одберат кожа, конец, да ја видат големината, или да си креираат, да дизајнираат производ сами со што се добива една уникатност во самиот производ што сите ни е посебно драго кога ќе имаме нешто што го нема никој.

Супер радио: Сведоци сме на изумирање на старите занаети, оние што некогаш опстојувале и биле белег на старата охридска чаршија. Дали имате ваш наследник во работата или колку воопшто младите се интересираат за занаетите во ова модерно време во кое живееме?

Георгиевски: Секако дека гледам иднина, тоа станува сé поголем тренд како надвор, така со мало задоцнување и кај нас. И самите купувачи веќе сфаќаат дека не е целта да имаш нешто што го има секој, туку интересно е да се поседува уникатен производ. Кај нас доаѓаат туристи кои сакаат да купат автентичен подарок или сувенир за себе или за некој друг, доаѓаат, не наоѓаат најчесто преку интернет, бидејќи како стара фирма ние сме застапени на разни медиуми. Доаѓаат лично во нашата работилница и си одбираат кожа, конец или купуваат од готовите производи. Од нашите сограѓани се случува, не толку често, да дојдат да ме прашаат за купување на кожа, меѓутоа кожата тешко се набавува кај нас бидејќи се повеќе компании што препродавале или произведувале се затвораат затоа што не успеваат да остварат доволно продажба. Така што имаме мал проблем со набавка на кожа, како и со хемикалиите што се за кожа, најчесто ги нарачувам од странство, почнав прво од Америка, па и од некои европски земји како Данска, Шведска, а некогаш и од Јапонија.

Супер радио: Ако некој се занимава со слична работа тоа го прави од хоби, вас ова ви е примарна работа. И покрај современиот свет, она што слободно можам да го кажам е дека креативноста не ве напушта и ги следите светските трендови. Дали сметате дека доволно се промовирани ваквите изработки?

Георгиевски: Занаетот со укоричување на книги го наследив од татко ми, меѓутоа со увозот на производите од Кина нашите производи веќе не беа конкурентни на пазарот, па мораше да побарам друга алтернатива, додаток. Тоа го направив со производите од кожа. Во 2007 година ги порачав првите книги, кои чинеа 200-300 долари, па видов кои алати ми се потребни, па порачав и алати и еве веќе 10-на години се почесто нарачувам алати, бидејќи изработката на кожа е гранка што е многу широка. Конкретно за резбата на кожа, тогаш единствена продавница што продаваше производи и хемикалии за кожата беше во Америка, тогаш нашата земја не беше на листата како земја од која може да нарачува. Јас се јавив за да ја стават нашата земја, направив нарачки и почнав со рачна резба на кожа што е карактеристична претежно за Тексас, но како што гледам за неколку години се отворија исти продавници од најголемата ваква компанија во Америка во Англија, Германија, Турција, така што гледм дека се повеќе зема замав резбата на кожа и мислам дека веќе станува тренд.

Супер радио: Доказ дека ентузијазмот не ве напушта се и работилниците кои ги организирате за различни возрасни групи.

Георгиевски: Искуството во овој дел е доста големо. Препознаени сме по нашите производи и нашата оригиналност и уникатност. Освен за да купат некој производ, луѓето нé наоѓаат и за изработка на сопствен производ со наша помош. Работилниците за првпат започнаа во 2014 година кога една девојка од Холандија побара да и помогнам да изработи мала кожна чанта, поминавме интересно и тоа ми даде идеја да продолжам и да се рекламирам. Кога ќе дојдеа самите туристи и наши и странци се нудеше опција за бесплатна работилница.

Ние сме единствени што нудиме нешто бесплатно во охридскиот регион, тоа е изработка на три мали бележници со тврди корици и кои самите учесници после си ги понесуваат со себе. Секако дека нудиме и ќе нудиме и платени работилници каде посетителите ќе можат да си изработат нивни производ. Исто така во склоп на работилницата им даваме мало парче кожа, објаснуваме како рачно се шие кожа и правиме бесплатна презентација како се резба кожата. Сакам да напоменам дека има разлика меѓу рачно и машинско шиење. Многу често гледам злоупотреба на натписот „hand made“. Пишува рачна изработка, а производот е шиен на машина. Затоа сме ние тука да ја објасниме разликата меѓу рачно и машинско, потоа што е разликата меѓу рачна резба на кожа и сув жиг. Досегашните посетители на работилниците се воодушевени и си заминуваат презадоволни.


Досега работилница во Охрид имаме направено во Црвен крст за деца со посебни потреби, во два наврати имавме ученици од школи. Но, и покрај тоа што имаме понудено на самите родители дека правиме бесплатни работилници, па да ги пуштат децата или да дојдат и тие, сеуште нема доволен одзив.

Супер радио: Покрај што сте застапени на изложбените саеми во градов, каде се имате претставено на други места во земјава и странство?

Георгиевски: Еднаш сме биле во Лесковац, Србија и во 2017 година во Турција кога ја претставував Македонија и тука имав работилница, изработивме 160 книги со деца и тинејџери и повторно ја претставуваме Македонија годинава, но без работилница, на еден голем фестивал во Истанбул. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес/Книговез

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука