март 13, 2023

Лос Анџелес, 13. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Американската Академија за филмски уметности и науки ги додели вредните статуетки на свеченоста што се одржа утрово во „Долби театарот“ во Лос Анџелес. Филмот за „Сè насекаде одеднаш“ (Everything Everywhere All at Once) триумфираше на годинашното, 95-то доделување „Оскари“, со седум освоени одличја, од вкупно 11 номинации.

Сè насекаде одеднаш“ ги доби признанијата за најдобар филм, женска главна улога (Мишел Јео), женска и машка споредна улога (Џејми Ли Кертис и Ке Хуј Кван), монтажа, како и најдобра режија и оригинално сценарио (и двете награди за Даниел Кван и Даниел Шајнерт).

Водител на емисијата беше комичарот Џими Кимел.

Кај мажите, во категоријата најдобра главна улога, „Оскарот“ отиде во рацете на Брендан Фрејзер за „Кит“.

A man holds up an Oscar statue.

Најдобро адаптирано сценарио, според Академијата, е она за филмот „Жените зборуваат“ на режисерката Сара Поли.

„Оскарот“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, го доби остварувањето „На Запад ништо ново“ од Германија. Филмот ги освои и наградите за кинематографија, продукциски дизајн и филмска музика.

Одличјето за најдобар звук го доби филмот „Топ ган 2: Маверик“, а најдобри визуелни ефекти има „Аватар 2: Патот на водата“.

Наградата за шминка и фризура отиде за филмот „Кит“. Признанието за костимографија го доби филмот „Црниот Пантер: Ваканда Засекогаш“.

Најдобра филмска песна е „Naatu, Naatu“ од индиското остварување „Р.Р.Р.“

За најдобар анимиран филм е прогласен „Пинокио“ на Гиљермо дел Торо, а за краток анимиран филм, „Оскарот“ отиде кај „Момчето, кртот, лисицата и коњот“. Најдобар краток филм, според Академијата, е „Ирско збогување“.

Најдобар документарен филм е „Навални“ на режисерот Даниел Роер. Најдобар краток документарец е „Слонови шепкачи“ на Картики Гонсалвес. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: CBC News

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука